Повардарската епархија на МПЦ ги повикува верниците за време на викендот и празникот Духовден да ги посетат дворовите на црквите и покрај забраната која владата ја донесе вчера. На веб страницата на епархијата се повикуваат верниците да дојдат и со себе да понесат варена пленица и црвено вино.
“Со оглед на новонастанатата состојба во нашата држава, а заради пандемијата со КОВИД-19, која се однесува на забраната за посетување на гробните места за денот на покојните – ДУХОВДЕНСКА ЗАДУШНИЦА, се известуваат и повикуваат сите верни чеда на Повардарската православна епархија од сите населени места кои се наоѓаат во нејзиниот состав, во деновите 05.06. 2020 (Петок) и 06.06.2020 (Сабота), во периодот од 08-14 часот, да дојдат во храмовите (дворовите на храмовите) и со себе да понесат варена пченица, црвено вино и список со своите претходно упокоени блиски роднини и пријатели. Во тој спомен (на нашите претходно упокоени) на ден 06. 06. 2020 (Сабота) со почеток во 08 часот ќе биде отслужена и Заупокоена Литургија во сите храмови. Затоа Ве покануваме помасовно и достоинствено да им оддадеме чест и спомен на сите упокоени наши браќа и сестри во Христа”, пишува во повикот на Повардарската епархија.
На ова реагираше градоначалникот на Велес Аце Коцевски кој ги повика институциите да преземат законски мерки против прекршувачите на уредбите.
“Сите верски заедници се должни да ги почитуваат законите, а политичарите не смеат да прават компромиси за пусти гласови со верниците”, рече Коцевски.