Во периодот од 17 до 19 октомври 2025 година, во хотел „Романтик“ во Велес, се одржа Вики тим билдинг – тридневен настан организиран од здружението Викимедија МКД, кој има за цел да го зајакне заедништвото меѓу активните уредници на Википедија на македонски јазик и да поттикне дискусии околу развојот и унапредувањето на проектите на Викимедија.
Настанот собира активни членови на заедницата од различни делови на Македонија, кои преку предавања, дискусии и неформални средби разменуваат искуства, идеи и предлози за подобрување на квалитетот и достапноста на содржините на Википедија на македонски јазик.
Во рамки на програмата, беа одржани неколку значајни презентации и разговори.
Снежана Штрковска, извршна директорка на Викимедија МКД, ги претстави алатките кои можат да го олеснат процесот на уредување и подигнување содржини на Википедија. Таа ги сподели новитетите од светот на Викимедија и понуди практични совети за ефикасно и квалитетно уредување, особено насочени кон новите уредници.
Николче Стојановски, претседател на Викимедија МКД, говореше за проектот Викиизвор, сестрински проект на Википедија и еден од повеќето на Фондацијата Викимедија. Тој го претстави значењето на дигитализацијата на јавни документи, книги и архивски материјали и ги охрабри присутните да се вклучат во развојот на македонската верзија на Викиизвор.
Кирил Симеоновски и Тони Ристовски, членови на Извршниот одбор на Викимедија МКД, одржаа заедничко предавање за Википодатоци, кадешто детално го објаснија значењето на структурирани податоци, нивната улога во функционирањето на проектите на Викимедија и можностите за интеграција на Википодатоци со Википедија на македонски јазик. Нивната презентација поттикна интересна дискусија за автоматизација на одредени процеси, поврзување на податоци и важноста од точноста и проверливоста на информациите.
Покрај формалната програма, учесниците имаа можност да се поврзат, дискутираат и споделат идеи во опуштена и пријателска атмосфера. Овие неформални моменти придонесоа за јакнење на заедницата и создавање нови иницијативи за идни соработки.
Вики тим билдингот претставува значаен чекор во градењето на цврста и продуктивна заедница на Википедија на македонски јазик.Преку вакви настани, се создава основа за одржлив развој на проектите на Викимедија во Македонија и се поттикнува култура на заедничко учење, волонтеризам и слободно споделување на знаење- изјави Бојан Велковски-менаџер за комуникации на Викимедија МКД.