(ВИДЕО) Велешка фирма 17 години не може да си впише купено земјиште во имотен лист

Купиле државно земјиште, но сега државата ниту им дава тапија за него, ниту им ги враќа парите. Седумнаесет години трае голготата на сопствениците на фирмата Динамо Хит од Велес. Предмет на спор е земјиште, на кое лежи нивната фабрика за производство на ќумци и бојлери, која се наоѓа во индустриската зона во населба Речани. Во 2005 година на лицитација од УЈП купиле објекти на поранешниот велешки агрокомбинат Лозар, заедно со земјиштето. За нив платиле уредно. Но, тогаш почнале и апсурди. Катастарот не сакал да им го впише земјиштето во имотен лист, оти УЈП не смеело да продава државно земјиште.

Zito akcija 640x289px

Кога побарале парите да им се вратат, државата ги одбила. Кога побарале повторно да платат – им рекле: „не може, оти еднаш веќе сте платиле“. И покрај тоа, пред десеттина години општина Велес им одобрила урбанистички план, врз основа на кој сопствениците на ова земјиште изградиле неколку објекти. Пред неколку дена, новата општинската власт овој документ им го поништила и на земјиштето почнала да гради водовод.

Содржината продолжува под рекламата

Agria

„Не можеме да ги стопираме луѓето. Потпомогнати се од полиција, дури и ни се заканија дека ќе не приведат, бидејќи сме ги попречувале. Сметаме дека земјиштето си е наше, платено е и дека еден ден ќе се врати во наша сопственост. Но, како тогаш ќе ја поместиме оваа диво поставена мрежа, за да ги поставиме нашите објекти“, прашува Тоше Лазаревски, еден од сопствениците на Динамо ХИТ.

Тие се чудат како е можно и велешкиот суд и скопска апелација, но и Врховен, за краток период да носат споротивни одлуки од оние кои претходно ги донеле, иако нови докази немало. Во меѓувреме, од Динамо ХИТ велат дека на спорното земјише копа кој ќе стигне, вклучувајќи ги и соседите.

„Тоа се диво изградени објекти во соседните парцели, група мештани имаат изградено куќи во индустриска зона и една фирма која граничи со нас, кои што си направија пат во нашата парцела и го користат. Пат не постоел, тој се наоѓа во нашата парцела. Тие имаат приоди до своите објекти од друга страна, но не сакаат да ги користат тие пристапни патишта, туку сакаат да поминуваат низ нашето и до ден денес се однесуваат толку безобразно, што ние едноставно тој притисок не можеме да го издржиме. Моќни се, оти најверојатно се наоѓа начин сето тоа да се заташка со мито и корупција“, смета Лазаревски.

Менаџментот на Динамо ХИТ сакал на ова земјиште да гради нова фабрика. Иако поднеле барања за градежни дозволи, велат дека од општина нема никаков одговор. Оттаму пак не одговорија конкретно ниту на нашето прашање зошто молчат за дозолите. Побараа од фабриката информации за кои барања станувало збор. Земјиштето не било во приватна, туку во државна сопственост. Општината имала дозвола за градба на водоводни линии, а за укинатиот урбанистички план ја упатија фабриката да поднесе жалба до Министерство за транспорт.

„Градежното земјиште не е во сопственост на ДИНАМО ХИТ Велес, туку во сопственост на Република Северна Македонија, постапката за докажување на сопственоста е завршена со Пресуда на Врховен суд на Република Северна Македонија Рев1.бр.300/2021 од 24.02.2022 година, со која Пресудата на Основниот суд Велес ТС-1/21 од 31.03.2021 година се потврдува. Во врска со Локалната планска документација за урбанизација, станува збор за поништување на решение за одобрување на урбанистички проект од 2010 година, со кое е укинато решение за одобрување на урбанистички проект од 2008 година поради техничка грешка, што е во спротивност на одредбите од Законот за општа управна постапка, согласно кој требало да се донесе Заклучок за исправка на техничка грешка, а исто така урбанистичкиот проект е донесен спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање. ДИНАМО ХИТ имаат право на жалба против ова Решение до второстепениот орган, Министерство за транспорт и врски.“

Спорот е сега на меѓународни судови, кои треба да пресечат за овој апсурден македонски случај. Но дури и да биде во нивна корист, од Динамо ХИТ велат дека со поставувањето подземна инфраструктура, земјиштето е веќе обезвреднето, а нивните планови за градба ќе мораат да претрпат големи корекции.

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: