Во последните неколку години платите за прв пат имаа посериозна тенденција на раст, но тоа е резултат пред се на административни мерки – зголемениот минималец и покачувањата во јавниот сектор, како и одливот на работна сила во странство, пишува Денар.
За реално да пораснат платите мора да порасне економијата. Изминативе години примањата на работниците растеа со побрзо темпо од економијата. Ова резултира со пад на продуктивноста, тоа е проста економска логика – продуктивноста се пресметува по формулата сооднос меѓу Бруто домашниот производ и бројот на вработени.
Во последните 10 години, просечната плата во Македонија пораснала за околу 94%. Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната плата во август 2014 година била 21.217 денари, додека во август 2024 година изнесува 41.097 денари или 668 евра.
И покрај растот, Македонија продолжува да биде на дното во Европа според висината на просечната плата. Работниците во Србија заработуваат во просек 836 евра месечно, во Босна и Херцеговина 710, во Црна Гора 861 евро, во Хрватска 1.324 евра и во Словенија 1.495 евра.