Матурантите ширум земјата денеска го полагаат вториот екстерен испит од државната матура, кој учениците го избраа според сопствениот интерес и насока. Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), најголем интерес оваа година има за англискиот јазик – дури 13.457 ученици се пријавиле да го полагаат овој предмет.
На второ место по бројност е тестот по математика, за кој се пријавиле 1.246 матуранти. Следуваат: германски јазик со 73 пријавени, француски јазик со 24, како и естетика, која ќе ја полагаат 62 ученици. Најмал број кандидати има за филозофија – само седум, додека за руски и италијански јазик се пријавиле четворица, односно тројца ученици.
Ова е вториот од вкупно два екстерни испита кои се задолжителен дел од државната матура и имаат значајна улога во процесот на упис на високото образование.