Спорот околу пробните дупчалки за нафта и за гас во Медитеранот вечерта на 21 јули достигнал кулминација. Германскиот печат пишува дека „Ангела Меркел успеала да спречи вооружен конфликт во последен момент“.
Во вторникот вечерта дошло до заострување на тензиите меѓу Грција и Турција во Средоземното море околу малиот остров Кастелоризо. Повикот на Ангела Меркел спречил војна – „буквално во последната минута“, пишува германскиот таблоид Билд.
Билд наведува дека причина за конфликтот се пробните дупчења во потрага за нафта и гас, кои ги врши Турција во непосредна близина на грчките води, а на кои пак Грција го гледа како на „исклучиво нејзина економска зона“.
Германскиот најтиражен дневен весник дознава и дека „поради тоа во вторникот 18 турски воени брода биле на пат кон островот“ и оти Грција ја ставила својата армија во целосна борбена готовност.
„Но, тогаш се вклучила германската канцеларка Ангела Меркел. Прво телефонирала со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а потоа и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Резултат: Турција повлекла 16 од своите воени бродови, но сепак оставила два во близината на островот.
Олеснување на двете страни во Егејското море!, нагласува Билд. Берлинскиот весник Тагесшпигел, пишува дека е „малку веројатно оти ќе дојде до промена во спорот околу природните ресурси“. Двете страни сметаат дека се во право. Притоа се повикуваат на различни правни основи.
Двете држави би морале да увидат дека е неопходна јасна пресуда. Би требало итно да се обратат до Меѓународниот суд во Хаг. Меркел, ЕУ и НАТО би морале своите членови и партери да ги убедат во тоа. Во спротивно се заканува воен конфликт, стравува коментаторот на дневниот весник Тагесшпигел.
Весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг, исто така, го коментира конфликтот меѓу Грција и Турција во источниот дел од Средоземното море. „На Ангела Меркел во последен момент и’ појде од рака да го смени курсот на конфронтација меѓу Атина и Анкара. Но, колку тоа долго ќе трае кај Ердоган не се знае, исто колку и кај Путин. Но, со сигурност може да се претпостави дека рускиот претседател со интерес го следи конфликтот на јужното крило на НАТО“, пишува франкфуртскиот весник.
И весникот Зидвест пресе ја коментира ситуацијата. „Европа и во експлозивниот либиски конфликт, на куќниот праг, се вклучи дури кога немаше што да каже. Ако и се повтори истото во ходникот, тогаш своите права за суверенитет може да ги закачи на клин. Крајно време е за ангажирана дипломатија“, заклучува весникот од Улм.
Извор dw.com
Можеби ќе ве интересира: