Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека ќе се бори за остварување на стратешките цели како што се членството во Европската Унија и добрите релации кон стратешките партнери. На денешната свеченост „34 години ВМРО-ДПМНЕ, 131 година ВМРО, завет, слобода, иднина, продолжуваме“ што се одржа во театарoт „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во Велес, мандатарот потенцираше дека владата која ќе ја создадат е посветена на враќање на Македонија на нејзиното вистинско место како просперитетна, праведна и динамична демократија.
„Но ние немаме да се загубиме на тој пат преку непринципиелни договори штетни за државата. Нашиот излез ќе биде нашата работа, нашата иднина ќе биде нашата сила добиена од волјата на народот“, рече Мицкоски.
Нивната носечка цел, како што дополни, е да ја обноват довербата во институциите на државната власт, да ја елиминираат корупцијата и да обезбедат владеење на правото.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека следуваат, како што рече „многу нови и убави работи во првите сто дена“ и вети беспоштедна работа за заедничка иднина.
Тој им порача на новите функционери да ги „засукаат ракавите“ и кажа дека нема тајни формули, лажни верувања или суеверија, а рецептот за успехот е работа, чесност и посветеност.
„Никој од вас овде во салата не смее да застрани. Не ја прифаќам тезата нормално барем еден да застрани или скршни. Одговорот е дека и тој еден веднаш ќе биде сменет. И при таква ситуација не само што силно ќе ме разочарате, ќе го разочарате народот кој ни даде историски најголема поддршка. Немаме никакви сто дена грејс период, ниту медени месеци, немаме ниту 100 минути. Јас не верувам во такви оправдувања. Мора напорна работа од првиот час, и првиот ден“, рече Мицковски
Дополни дека не може никој да има приватни бизниси и да води институции.
„Или едното или другото. Треба да се одлучите. Службата кон народот бара откажувања. Нема политички бизнисмени ниту бизнис политичари“, нагласи мандатарот.
Нагласи дека кон привилегиите што им ги нуди позицијата, треба да се однесуваат чесно и со голема грижливост и без расипништво.
„Затоа што тоа му припаѓа на народот, а вашите привилегии не ве прават посебни, туку треба да станете поодговорни затоа што сето тоа е повторно ќе ви кажам е на народот. Ќе треба во народот да гледаме со широко отворени очи и подигната глава, затоа што вашиот неуспех би бил заеднички срам, неуспех нема да толерирам“, рече тој.
Според Мицкоски, најдобриот начин да се предвиди иднината е таа да се создаде, а промените нема да дојдат ако чекаме некој однадвор тие да ги направи.
Мицкоски, кој е мандатар за формирање нова влада, синоќа ги соопшти имињата на министрите што ќе ги предложи, а изминатите денови тоа го направија и Вреди и ЗНАМ, кои ќе бидат дел од новата владина коалиција.
Новата влада се очекува да биде формирана најдоцна до недела на полноќ.
Можеби ќе ве интересира: