Чувањето на уставот од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата се факт и тоа останува. Нема промена на уставот под овие околности, по ниту една цена. Народот да биде спокоен. Ова го истакна лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во обраќањето по повод Илинден од селото Ташмаруништа во Струга.
Според Мицкоски, бегството од референдум на Владата е бегство од народот и доказ за предавство.
„Референдумот е огледалото на нивната немоќ, на нивниот мрален хазард, и за тоа како бегајќи од референдум сакаат преку трупа, жедни преку езеро, на мала врата да го пренесат народот без да имаат обѕири за тоа каква катастрофа прифаќаат. Јавно повикувам да поддржиме референдум, сите заедно да повикаме и на народот да му дадеме шанса да донесе одлука“, рече Мицкоски.
Не смее да постои разочарување ниту пак губење на надежта, рече тој, оценувајќи дека ги живееме најтешките времиња од независноста до денес. Според Мицкоски, стратегијата на власта е да ја обвини Европската Унија и меѓународната заедница дека тие се виновни за ова што и се случува денес на Македонија, а не, како што вели, неспособноста, поданичкиот и предавнички карактер на власта. Втората цел, рече Мицкоски, е да го нападне ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата дека недоволно се бори за македонскиот национален идентитет.
„Не е виновна ЕУ за ова што денес и се случува на Македонија и македонскиот народ, виновникот има име и презиме, Пендаровски, Ковачевски, Османи, Заев, а политичката партија која што е извор на сите овие порази и предавства има име и се вика Социјалдемократски Сојуз на Македонија или СДСМ“, рече Мицкоски.
Актуелната власт ја опиша како најразорната атомска катастрофа која Македонија во не само економски, туку политички контекст ја уназади децениски, правејќи штета по нашите стратешки позиции за кои ќе бидат потребни нови децении заедничка битка да се повратат.
„Во периодот што следи власта ќе продолжи да крева прашина, димни облаци за тоа дека тие биле проЕУ, а сите кои не се како нив одработувале за трети држави. Сум чул во политиката многу манипулации, ама ова е некако најпровидната лага до сега. Од крадци како овие на власт европејци не бива. Втората работа која ќе се обидат да ја прават е да не прикажат за радикали и да внесат етнички поделби. Не верувајте ниту во ова. Нашата љубов кон Македонија не значи омраза кон некој друг туку подадена рака кон секого заеднички да се бориме против власта која носи проблеми кои се исти за сите, впрочем патриотизмот не значи национализам. За овие намери на власта задолжени се оние инсталации кои треба да се преставуваат како се друго, само не она што навистина се, а тоа е продолжена рака на власта на ДУИ и СДС. Тие инсталации се најподлите, или што би рекол Прличев в лице светци, в срце в’лци. Таквиот полу свет дебело финансиран или уценет од власта има за цел да внесува раздор во македонското ткиво, да стимулира жолт печат и невистини, да создава експлозија од ниски страсти и да одвлекува внимание. Со други зборови тој полу свет на СДС и ДУИ постои за да се занимавате со ВМРО-ДПМНЕ за да не се види дебаклот на власта. Тој полу свет се отпадоците на власта, најдобрите чираци на срамното сценарио на релативизрање и рушење на секаков отпор“, рече Мицкоски.
Во обраќањето тој заклучи дека одговорот на поделеноста и фрагментирањето е обединувањето, национално, политички.
Повика на враќање на загубеното и создавање на нова иднина.
„Имаше прв, имаше втор Илинден, третиот Илинден беше 8 Септември 91та, да се избориме за уште еден нов Илинден каде ќе имаме победа на Македонија над сите неправди, инсталации, и сили кои не влечат надоле. Илинден не учи дека нема откажување и дека борбата е константа, а љубовта кон татковината најголема сила. Затоа и Македонија ќе победи и ќе одиме напред. Пламенот е разгорен, промените ќе се случат“, рече Мицкоски.
Можеби ќе ве интересира: