Велешки Борец во четвртото коло од ПМФЛ утре гостува кај Шкендија, која моментално е третопласирана на табелата. Формата на тетовци е во нагорна линија, посебно по успехот во квалификациите во Лига Европа и елиминацијата Сумгаит во Азербејџан. За разлика од нив, Борец е во мини криза, откако по воведното коло и победата над Вардар во Скопје, загуби два драгоцени бода дома со Ренова во претпоследната минута од мечот, а со празни раце остана и минатата недела во Струга, каде што загуби минимално со 1:0. Тренерот на Борец Горазд Михајлов во изјава за Батали.нет е внимателен во својата прогноза за утрешниот дуел. Вели дека Борец во Тетово оди да се надигрува со противникот и да го поправи впечатокот од претходните две кола.
„Прво, сакам да и честитам на Шкендија за успехот и доброто претставување на македонскиот фудбал во Европа. Поради нивниот петочен настап во Лига Европа, Борец како клуб излезе во пресрет и прифати натпреварот да се игра во понеделник. Максимално го респектираме противникот и одиме растоварени да играме фудбал. Со противникот добро се познаваме и добро ги знаеме нивните добри, но и лоши страни, одигравме три пати во минатото првенство, каде што дома бевме максимални, а додека на гости потфрливме. Работиме да го поправиме впечатокот на гостински терен, атмосферата е на одлично ниво и одиме во Тетово да играме фудбал“, рече тренерот на Борец, Горазд Михајлов.
Освен неефикасниот напад, кој на досегашните три натпревари создаде многу шанси, а реализираше само два пати, проблем кај велешани е и одбраната, која се покажа дека лошо реагира при прекини и нафрлени топки. На таков начин Борец ги прими и единствените два гола досега, од Ренова и Струга Трим Лум. Столбот на одбраната на Борец Стојан Стојчевски вели дека минатата недела на тренинзите се работело посебно на овој сегмент од играта.
„Изминатава недела работевме напорно да ги корегираме нашите слабости, највеќе се фокусиравме на прекините како во одбрана така и во напад , бидејќи загубивме доста бодови, а јас би го нарекол мал пад на деконцентрација“, рече Стојчевски.
Натпреварот Шкендија – Борец се игра во понеделник во Тетово, со почеток во 16:30 часот, со директен пренос на ФФМ ТВ. Вчера се одиграа три натпревари од четвртото коло, во кое Академија Пандев ја забележа првата победа сезонава, славејќи со минимални 1:0 над Струга Трим Лум. Македонија Ѓ.П. и го нанесе и четвртиот пораз по ред на Беласица, победувајќи ја со 2:1, а скопското дерби меѓу Работничи и Вардар заврши нерешено 1:1. Денеска Шкупи на домашен терен го пречекува Пелистер.
Можеби ќе ве интересира: