Минималните трошоци за живот на едно четиричлено семејство во Македонија во мај достигнале 63.908 денари, што претставува зголемување од 1.217 денари во споредба со април, соопшти денеска Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Ситуацијата е уште потешка за семејствата кои живеат под кирија. Доколку семејството изнајмува стан од 60 квадратни метри, вкупната сума на трошоците скокнува на 79.283 денари месечно. Најголем пораст е забележан кај трошоците за храна и пијалоци, кои во мај изнесуваат 22.434 денари – речиси 1.000 денари повеќе од претходниот месец.
„Цените продолжуваат да растат без контрола, особено кај основните прехранбени производи, а платите не ги следат овие трендови. Секојдневно расте бројот на граѓани кои чувствуваат неправда и бараат повисоки плати“, предупредуваат од ССМ.
Од Сојузот алармираат дека по завршувањето на владините антикризни мерки, животот станува сè поскап, а потребата од усогласување на платите со реалните трошоци за живот станува сè поитна.