Монтажната болница до Инфективната клиника во Скопје, која треба да биде Ковид центар, треба да почне да функционира наскоро, најавија од Министерството за здравство. Таа е веќе опремена со мебел. Додека трае епидемијата, објектот сега ќе се користи како Ковид центар, а во иднина ќе прерасне во ургентен центар на Инфективната клиника. Во него ќе се прави тријажа на пациентите, кои потоа ќе се распределуваат каде што треба за лекување по другите клиники.
Монтажната болница има капацитет од 72 болнички кревети во дел стационар, плус амбулантски и тријажен простор, соби за одмор на персонал, тоалети за пациенти и персонал, гардеробери и соби за состаноци. Целата структура на монтажната болница е поврзана со „топла врска“ со зградата на Клиниката за инфективни болести. Влезот е поставен централно на „топлиот ходник“ до кој се пристапува директно со амбулантско возило.
„Овој викенд, после нецели три месеци деноноќна работа, се дооформува тријажниот простор со додавање на модули, немедицинската опрема и инвентарот се доставуваат, и оваа монтажна болница ќе може да започне да се користи. Во периодот кој следи околината ќе се уреди и партерно, со паркинзи, службени пристапи и зеленило. Оваа болница е инфраструктурно веќе готова“, велат од Министерството за здравство.
Монтажната болница ја изгради велешката компанија „Брако“ за само 14 дена, а за нејзината изградба швајцарската влада донираше 200.000 швајцарски франци. За овој проект, „Брако“ се откажа од својот профит.
Во Вухан, епицентарот на пандемијата на коронавирус, кинеските власти изградија монтажна болница за 10 дена, а потоа такви болници изградија и други земји погодени од пандемијата.
Се очекува со отворањето на монтажната болница да се намали притисокот од Ковид пациенти на болницата „8 Септември“ и таа постепено да почне да се враќа кон нормалното функционирање.