Од МТСП ги демантираат и ги отфрлаат тврдењата дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е во криза и државата доцни со исплатите кон банките.
„Изминативе години нема ниту еден ден доцнење на исплатата на пензиите, а растот е континуиран и јасно забележлив. Трансферите кон ПИОМ се навремени и сигурни, дури и во време на ковид-пандемијата кога почна првата предвремена исплата на пензиите. Со последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија во сила во март 2022 година, и воведувањето на новиот начин на усогласување на пензијата, со усогласување со комбиниран модел од 50 % пораст на просечната плата и 50 % пораст на трошоците за живот, пензиите пораснаа речиси 21 %. Првото усогласување во септември 2022 година беше 6,8 %, второто во март 2023 година – 8,4 % и моментната проекција за септември 2023 година – најмалку 6 отсто“, велат од таму.
Според нив, пензионерите се приоритет на Владата на Република Северна Македонија.
„Во овој владин состав се донесоа низа мерки за помош и поддршка на пензионерите и трендот не сопира. Предлозите од пензионерите се на маса, се дискутира за нив и најбргу што може ќе продолжиме со промоција на нови мерки и пакети, кои ќе осигурат достоинствен живот на пензионерите и понатаму“, посочија од МТСП.
Министерството за труд и социјална политика апелира да не се креира страв кај пензионерите и да не се манипулира со недостигот на информации што го имаат, а сѐ со цел да се обезбеди масовност на протестите, кои се политички обоени.
Можеби ќе ве интересира: