Навивачката група „Гемиџии“ се огласи со соопштение, во кое изрази поддршка за првиот човек на ФК Борец, Кочо Анѓушев, откако пред два дена, незадоволен од односнот на ФФМ, но и на Општинскиот фудбалски сојуз кон велешкиот прволигаш, тој најави дека ќе ја преиспита одлуката за финансирање на клубот.
Од НГ „Гемиџии“ велат дека Анѓушев е единствената светла точка за фудбалот во градот во последните неколку години и е единствениот човек кој застана зад клубот, кој од најнизок ранг, го доведе до фудбалската елита, постигнувајќи одлични резултати.
„Следејќи ги случувањата и настаните во врска со последното годишно собрание на ОФС Велес како и незадоволството на главниот финансиер на ФК БОРЕЦ, не можеме да премолчиме и да не заземеме став. НГ ГЕМИЏИИ е емоционално и фактички нераскинлив дел од ФК БОРЕЦ. Ние како група застануваме во ПОДДРШКА на Г-дин Кочо Анѓушев бидејќи сметаме дека тој е единствената светла точка за фудбалот во градот во последниве неколку години, тој е единствениот човек кој се одважи и застана со сите свои сили и средства да го преземе клубот и да не направи горди на резултатите и настапите во македонското фудбалско првенство, од најнизок ранг, па се до елитата, постигнувајќи одлични резултати. Самите ние сме сведоци на многуте неспортски и нефудбалски настани кои во изминатиов период му беа нанесувани на ФК БОРЕЦ, сомнителните судски одлуки и случувања беа игнорирани од страна на Фудбалската федерација на Македонија, не сакаме ни да помислиме дека се работи за тенденција на внатрешни договори и одлуки, кои челниците сами си ги кројат зад затворени врати. Фудбалот не е политика, фудбалот не е приватна сопственост на никого, фудбалот е на публиката, фудбалот е на спортските работници. За тоа апелираме до г-дин Анѓушев да ги преиспита своите одлуки и да ОСТАНЕ во ФК БОРЕЦ, ние како група, но и неоткинлив дел од БОРЕЦ му стоиме на располагање во било кој дел за борбата против Мафијата во ФФМ. БОРЕЦ Е ВЕЛЕС!!!БОРЕЦ СМЕ НИЕ!!!БОРЕЦ Е ТРАДИЦИЈА И ИСТОРИЈА!!!“, се вели во соопштението на навивачката група Гемиџии.
Сопственикот на Брако и главен спонзор на Борец, Кочо Анѓушев пред два дена најави дека е можно да престане да го спонзорира клубот. Револтиран од, како што рече, односот на ФФМ, но и на велешките делегати во Фудбалската федерација кон Борец, тој предвреме го напушти Изборното Собрание на Општинскиот фудбалски сојуз на Велес.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавуваат и други групи и страници за поддршка на Анѓушев, во кои се апелира сопственикот на Борец да остане во клубот, а во големиот број реакции и коментари се осудува односот на фудбалските функционери од градот и Федерацијата кон велешкиот прволигаш.
Можеби ќе ве интересира: