Нема случај на пациент со британскиот сој на ковид-19 во велешката болница, велат од таму. Болницата ја демантира веста која се појави во некои медиуми дека пациент со британскиот сој на вирусот е хоспитализиран во болницата.
На инфективното одделение е хоспитализиран маж, чија што партнерка на 9 јануари се вратила од Лондон во Македонија. Тој има позитивен тест и лесни симптоми, а неговата партнерка е веќе излекувана во домашни услови.
Жената, чиј идентитет е познат на нашата редакција, за Батали.нет раскажа дека има ќерка која што живее во Лондон и таа често ја посетува. На 9 јануари се вратила од Велика Британија и по седум дена нејзиниот партнер добил благо покачена температура, па откако заедно се тестирале, откриле дека се позитивни. Иако на епидемиолошката анкета велешанката кажала дека престојувала во Лондон, досега ниту една институција не им се обратила да им соопшти дека биле заразени со британскиот сој на вирусот.
„Ја прочитав веста на порталот и според тоа како беше напишана, се препознав себе си. Веднаш почнаа да ми се јавуваат оние кои ме познаваат, загрижени, да ме прашаат дали е ова вистина. Колку велешанки кои имаат ќерки во Лондон и кои се вратиле пред неколку дена познавате? Ова е мал град и сите се знаеме меѓусебе. Затоа, сметам дека веста на порталот беше, во најмала рака, некоректна. Но, тоа не е и толку голем проблем, колку што е фактот што веста е лажна и создаде паника меѓу велешани“, рече велешанката.
Велешанката се сомнева дека изворот на лажната вест е медицинско лице, кое е вклучено во нивното лекување од ковид-19.