Нема место во болниците во Штип и Кочани. До вечер ќе се исполнат и сите кревети на одделението за физикална медицина во Кочани. Остануваат слободни само 9 кревети на интензивна нега.
Притисокот расте и во дневната амбуланта. Дневно се прегледуваат и по 200 пациенти. Проблемот го отежнува и тоа што нема ниту еден инфектолог, па телефонски се координира за секој пациент со колегите од Штип.
„Поради зголемениот број на пациенти за нив се грижат лекари специјализанти, а помагаат и сите специјалисти, не само интернистите и анестезиолозите. Според насоките што ги добивме од Министерството за здравство веќе подготвивме два тима за спроведување на имунизацијата. Според планот во Кочани ќе има можност дневно да се вакцинираат по 200 пациенти, а пунктот ќе биде отворен од од 08 до 20.00 часот.“, вели Александар Серафимов, директор на Општа болница Кочани.
Во Штип веќе неколку дена нема слободни кревети во Ковид центарот. Се чека отворањето на модуларната болница што се очекува да се пушти во употреба за ден-два. Така ќе се обезбедат дополнителни 47 кревети.
Од хоспитализираните 66 пациенти само десет не се на кислородна подршка. За жал во болниците во двата ковид центри на истокот битката со вирусот ја загубија тројца пациенти. Во источниот регион во моментот има над 1100 активни случаи.
Можеби ќе ве интересира: