
Ако ставиме клуч на врата, државата ќе загуби повеќе од 250 милиони евра, предупредија денеска сопствениците на спортските обложувалници. Тие се испровоцирани од предлог-измените на Законот за игри на среќа кои веќе се изготвуваат во Министерството за финансии, а наскоро треба да бидат објавени и на ЕНЕР.
Од групацијата на спортски обложувалници реагираат дека ваков закон не постои во ниту една земја од ЕУ бидејќи одалеченоста на објектите нема никакво влијание на навиките на граѓаните, и побараа итна средба во владата.
„Бараме веднаш прием во Владата за да ги образложиме нашите предлози за закон по европски терк кој ќе гарантира безбедност на сите учесници во играта, поволна и фер бизнис клима и силен социо-економски придонес во земјата. Бараме стопирање на целиот процес на носење предлог-закон и вклучување на сите засегнати страни во подготовка на нов предлог-закон по европски терк, како и транспаренна дискусија што ѝ доликува на земја со европски аспирации – рече денеска на прес-конференција претставникот на Групацијата за спортски обложувалници при Стопанската комора на Македонија“, Васко Илијевски
Покачување на даноците и оддалечување на деловните објекти 500 метри од училишта и високообразовни институции, се само некои од измените што предизвикаа револт кај сопствениците на обложувалниците. Тоа, според нив, ќе значи целосно затворање на индустријата, но и згаснување на илјадници работни места, како и огромни загуби за државниот буџет.
Од Министерството за финансии велат дека се отворени и транспарентни за јавноста и со самото објавувување на предлогот на Електронскиот национален регистар укажуваат дека ќе престојат дебати за оваа тема.
„Најавата за измените и дополнувањата на Законот е веќе поставена на ЕНЕР, по што ќе следи и објавата на текстот на предлог измените и дополнувањата на Законот. Со ова, укажуваме дека ќе има отворена дебата и консултации со сите заинтересирани страни во врска со предлог решенијата“, велат од Министерството за финансии.
Можеби ќе ве интересира: