Од денеска се враќаат на работа родителите на децата до шест години, лицата кои користат продолжено породилно отсуство и дел од хронично болните лица. Владата ја донесе оваа одлука пред две недели, откако се отворија градинките и дневните центри за ран детски развој и се утврдија речиси сите протоколи за функционирање во сите сфери, со цел граѓаните да се заштитат од пандемијата од Ковид-19.
Одлуката на Владата за враќање на родителите на нивните работни местнаиде на реакции кај дел од засегнатите, па по тој повод во неколку наврати родителите организираа и протести. Велат, дел од децата не се запишани во градинка, каде и нема слободни места, нема кој да ги чува и немаат доволно средства да платат негувателки.
Од Владата, пак, нагласуваат дека е обезбедена целосна грижа за децатат во градинките, и нелогично и беспредметно е родителите да не одат на работа.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска синоќа повтори дека дека Владата останува на ставот дека родителите треба да се вратат на работа.
„Со создавањето на услови за сместување на децата во претшколски установи – градинки и дневни центри за ран детски развој, создадовме простор од две недели, до 23 септември, за враќање на сите родители на своите работни места, односно со отворањето на градинките се изгуби смислата зошто родителите би останале дома кога градинките ги отворивме, изјави Шахпаска.
Таа потсети дека стартот на градинките почна на 9-ти септември и оти родителите имаа две седмици за да се подготват или своите деца да ги подготват за да тргнат во редовен процес на работа.
„Владината одлука во вонредната состојба за затворање на градинките доведе до ситуација мајките, родителите да останат на продолжено породилно боледување да се грижат за децата. И оттука стоиме на ставот дека со отворање на градинките ова одлука престанува да важи“, потанцираше министерката.
Шахпаска наведе дека согласно Протоколот што беше донесен уште на 29 мај, многу јасно се прецизирани критериумите, условите за згрижување на деца во услови на пандемија со Ковид-19.
„На дневно ниво ги контактираме сите градинки, 311 објекти во државата. Нашите информации како инистерство не произлегуваат од ФБ групи, ова се базирани на докази, на дневни извештаи, секој ден ја анализираме состојбата како е. Јас одговорно тврдам, ова е состојба, значи пишани се децата, а не посетуваат градинка, и оттука нашиот апел до сите родители кои што го чуваат местото, а не го праќаат детето во градинка значи имаат алтернатива кој да се грижи за тоа дете, да и го отстапат на родителите на кои што им е неопходно“, апелираше Шахпаска.
Таа истакна дека Протоколите јасно ги дефинираат како условите во градинката, однесување на вработените во градинката, бројот на деца коишто се згрижени почнувајќи од 0-2 години, како и поголемите групи на деца.
Во однос на враќањето на работа на хронично болните лица, министерот за здравство Венко Филипче изјави дека мерките се добро проценети и анализирани пред да се имплементираат.
„Не се враќаат сите на работа, туку лекар специјалист проценува кој ќе оди на работа, а кој не. Не само на кого му е влошена болеста, туку и пациент кој е во фаза на болеста и има тип на хронична дијализа, со таква шифра, а треба да биде заштитен во следните шест месеци. За тоа ние го сменивме правилникот за боледување во Фондот за здравствено осигурување. Тоа значи дека ги одделуваме хроничните болни коишто се во рамките на една категорија и имаат иста шифра на болеста. На пример дијагноза миокарден инфаркт на срце. Пациент имал инфаркт на срце пред пет години, човекот е рехабилитиран и сосема нормално ги извршува животните активности. Тој ја носи истата шифра како пациент кој имал инфаркт пред еден месец и треба да биде на боледување и дополнително заштитен. Таа проценка ја прават специјалистите“, истакна Филипче.
Тој потенцираше дека се враќаат тие кои можат да работат согласно проценката на лекарот специјалист. Хронично болните пациенти имаа рок до денеска да посетат специјалист за што беа пуштени дополнителни термини во „Мој Термин“ и е-амбуланта, а, како што информираше Филипче, по потреба рокот ќе биде пролонгиран.
Преземено од libertas.mk
Можеби ќе ве интересира: