Рехабилитацијата на Пониква за повредените од пожарот во клубот „Пулс“ ќе се реализира за да се избегнат високите дневни температури во текот на летниот период и да се намали потребата нивните семејства да ги носат во болниците во Кочани или во Скопје, беше соопштено на денешната прес-конференција во Владата, на која зборуваа владината портпаролка Марија Митева и докторките Катерина Мирчовска од Општата болница во Кочани и Гордана Георгиева од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје.
„Одморалиштето на МВР на Пониква ни е ставено на располагање за да се направи рехабилитација, ресоцијализација и да им се пружи психолошка поддршка на повредените, а ќе се активираат медицински тимови коишто ќе им бидат достапни 24 часа. Ќе бидат поделени во групи што ќе ротираат на две недели, а првата група ќе биде со повредени кои веќе добиваат физикална терапија, како и пациенти кои имале само изолирана инхалаторна повреда. На Пониква физикалната терапија ќе ја обавуваат четворица физиотерапевти, ќе има медицински сестри, специјалист физијатар, а во соработка со Центарот за психолошка поддршка од Скопје и невладини организации ќе има и посета од психолози и психијатри“, истакна докторката Мирчовска, која од неодамна е и в.д. директорка на Општата болница – Кочани.
Во периодот од 20 мај до 10 јуни евалуирани се 167 пациенти, пет пациенти сѐ уште се хоспитализирани во болници во државата, а уште пет се на лекување во странство. Неевалуирани се осум пациенти кои се со привремен престој или живеалиште во странство.
Освен со изгореници, има пациенти со инхалаторни повреди и со психолошка траума, а оние кои се во четврта и петта група ќе им биде потребно продолжено лекување, а кај некои од петтата група и дополнителен хируршки третман. Евалуацијата на повредите од изгореници ќе се евалуираат повеќепати, во зависност од степенот и делот од телото што е зафатен.
„Од март, кога се случи несреќата, до денес во болницата во Кочани се склучени договори со специјалисти по пластична хирургија од Универзитетската клиника за пластична хирургија и Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Дополнително и со физијатри и физиотерапевти од Клиничката болница во Штип, од ГОБ „8 Септември“ и од Институтот за физикална медицина и терапија „Козле“. За да ја следиме состојбата на повредените кои се вратија од лекување во болниците во странство, а кои обавуваат физикална тераприја и респираторни вежби, им беше посочено од тимот за евалуација дека треба да направат контроли. Со оглед што како проблем произлезе патувањето на високи дневни температури, разговаравме со Министерството за здравство и со пулмолози од ГОБ „8 Септември“, кои беа и на евалуацијата, има добра волја, знаеме што ни е потребно во болницата во Кочани за да можеме да ги доближиме, а апаратурата што ќе биде донесена и соработката со лекарите ќе останат и за понатаму, истакна докторката Мирчовска.
На почетокот на идната недела во Општата болница во Кочани ќе се спроведе активност за земање мерки за изработка на компресивна облека за пациентите за кои претходно тоа не било направено. Тоа ќе се реализира со претставништвата на изработувачите на облеката од Бугарија и Германија, а се работи и на скенирање со тродимензионален скенер за пациентите со изгореници на лицето, главата и вратот за да им се изработат силиконски маски по мерка