Според последните податоци во моментов се активни 1.197 случаи на заболени од Ковид-19. Во Велес активни случаи има 21. Од почетокот на епидемијата досега во земјава од Ковид-19 се заразија 155.269 лица, оздравеа 148.664, а починаа 5.408, што укажува на драстичен пад на бројките, како и добра основа за најавеното олабавување на мерките за заштита од Ковид-19, од страна на надлежните.
Имено, откако во петокот Комисијата за заразни болести заседаваше, беше донесена одлука, врз основа на стивнувањето на пандемијата и намалувањето на бројот на активни случаи во изминатите недели, да се достави предлог до Главниот координативен кризен штаб за олабавување на рестриктивните мерки.
Од Министерството за здравство информираа дека Комисијата до Штабот предложила од 1 јуни заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено. Маските на сите затворени места, јавен превоз и секаде каде не може да се одржува препорачана дистанца остануваат задолжителни. Предлага и да престане да важи забраната за групирање на отворено – при групирање на повеќе лица останува препораката да се носат заштитни маски, да се дозоволи организација на свадби и прослави на отворено со максимум 50 проценти исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости. Максимум дозволен број на гости на една маса да биде шест.
Во текот на оваа и следната недела, Комисијата за заразни болести во соработка со организаторите на настани ќе работи на прецизирање на протоколите за одржување настани и концерти на отворено, а по 15 јуни, според договорените протоколи, ќе бид дозволена и организација на ваков тип настани.
Спортските натпревари на отворени терени да се играат со публика, но со максимална исполнетост од 30 отсто од капацитетот на стадионот. Да им се дозволи на угостителските објекти да примаат по шест гости на една маса, додека сите останати рестрикции за нив остануваат во сила. Полицискиот час останува во сила, наведоа Министерство за здравство.
Според последните информации од Министерството за здравство, поради намалениот број новозаболени лица е намалена и оптовареноста на болниците. Во изминатиот период некои ковид-оддели беа затворени и беа вратени во функција на нивната првобитна намена.
Можеби ќе ве интересира: