Македонските одбојкари уште еднаш на дело го покажаа своето спартанско срце и максималната желба за надигрување и против многу подобро рангирани селекции, па така оваа вечер во „Борис Трајковски“ заслужено се израдуваа на огромна победа со која заверија втор пласман на едно Европско првенство.
По двете победи против Босна и Херцеговина и поразот од Турција од 3:1 во првиот дуел, „спартанците“ сами си дадоа за задача да го дадат максимумот до последен атом сила на вториот дуел против Турците, кои на крајот потклекнаа пред силниот налет на нашите одбојкари кои се изборија за триумф од 3:1.
Избраниците на Матијашевиќ отворија маестрално и го добија првиот сет со 25:19, што секако беше добар потстрек да се брка победа против апсолутниот фаворит на двата квалификациски турнири во Скопје.
Турците одговорија во вториот сет и истиот го добија со 25:21, по што стана јасно дека тие и математички обезбедија пласман на континенталниот турнир, нешто што дополнително ги мотивираше нашите играчи да дадат максимум и да го победат веќе релаксираниот ривал.
Македонските одбојкари маестрално ја завршија работата на теренот и третиот сет го добија со минимални 25:23, со што направија многу важен исчекор до посакуваната победа, која на крајот беше и неизбежна по фуриозното издание во четвртиот сет. Последниот сет денеска го добивме со 25:18, па за вторпат во историјата ќе играме на едно Европско одбојкарско првенство.
Преземено од derbi.mk
Можеби ќе ве интересира: