На велешани кои завчера не се појавија на вакцинирање во Кавадарци, вчера не им било дозволено да се вакцинираат во пунктот во Велес, иако Министерството најави можност за такво нешто. Откако овој проблем се појави на првиот ден од масовната имунизација, од Здравство апелираа до граѓаните да ја покажат СМС пораката дека имале закажано во друг град и ќе бидат вакцинирани во својот. Од Здравствен дом Велес потврдува дека вчера, имале огромна навалица од граѓани.
„Ние ги одбивме, со образложение дека ако добиле покана за вакцинација за Кавадарци, треба да ја почитуваат. Ги молам сите велешани да бидат трпеливи и да не се подигнува тензијата, додека не добиеме попрецизни информации од Министерството за здравство“, рече др. Пандели Божиков, раководител на службата за имунизација во Здравствен дом – Велес.
Од Министерството за здравство денеска објаснуваат дека вчерашното соопштение се однесувало на оние граѓани кои добиле нелогични места за вакцинирање, кои припаѓале на друг реон за имунизација.
„ Во вчерашното соопштение од Министерството за здравство преку пример беше наведено дека граѓани кои добиле пораки за вакцинација, во кои има нелогичност за местото каде да се вакцинираат дека истото може да го сторат во градот каде што живеат. Пример жител на Струга добил порака дека треба да се вакцинира во Кавадарци, или жител на Скопје дека треба да се вакцинара во Штип, и сл. истото може да го направат во градот каде што живеат. Со отоврањето на спортските сали за масовна вакцинација, граѓаните имаат можност да се вакцинираат во салите кои не се повеќе од 40 сетина километри оддалечени од местото каде живеат. Отворањето на салите за масовна вакцинација е со цел, за пократок период да се вакцинираат што повеќе лица. Како за пример – ако во Поликлиника Букурешт – Скопје за еден ден може да се вакцинираат 350 лица, исто толку лица во А1 СЦ Борис Трајковски се вакцинираат за еден час. Министерството за здравство во план е да отвори сали за масовна вакцинација во Велес, Прилеп, Струмица но отворањето на овие големи вакцинални пунктови зависи од интересот за вакцинација на граѓаните од тие региони. Затоа апелираме до граѓанте што помасовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk затоа што тоа е најбрзиот и најлесен начин да се стигне до вакцина“, велат од Министерството за здравство.
Поради овие проблеми, премиерот Зоран Заев денеска побара од општините да обезбедат соодветна инфраструктира за масовна имунизација. Претходно, министерот за здравство Венко Филипче најави дека во Велес ќе биде отворен пункт за масовна имунизација. Тој најверојатно ќе почне да работи од 15 мај и биде сместен во спортската сала „Гемиџии“.
Бројот на вакцинирани граѓани во земјава вчера е двојно поголем од завчера. Вакцина против ковид-19 во текот на вчерашниот ден примиле нешто над 9 000 граѓани. Од здравство велат дека една четвртина од граѓаните над 70 години веќе примиле вакцина. Оттаму апелираат граѓаните што помасовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk. Тоа бил најбрзиот и најлесниот начин да се стигне до вакцина.
Можеби ќе ве интересира: