Партиите не успеаја да ги мотивираат велешани

veles mladinski

Зад нас се најнеизвесните избори во историјата на Македонија. На неодамна одржаните десетти предвремени парламентарни избори тесна победа однесе СДСМ и коалицијата „Можеме“, која освои 327.408 гласови или само 12.064 гласови повеќе од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата „Обвнова“, која освои 315.344 гласови.

Zito akcija 640x289px

Во Велес победата ја однесе опозицијата. ВМРО ДПМНЕ освои 10.380 гласови или 43% од вкупно излезените гласачи. За СДСМ гласаа 9.279 гласачи или 38,44% проценти од сите кои излегле да гласаат. Добар изборен резултат има Левица, која во Велес освои 2.291 глас или 9,49% од гласовите.

Agria
Неофицијални резултати од парламентарните избори 2020 во Велес според ДИК

Карактеристика на овие избори беше и малиот одѕив на гласачите, пред се, поради кризата со коронавирусот. Но, и во такви услови, излезноста на гласачите во Велес беше за нијанса повисока од онаа на ланските претседателски избори. Сепак, споредбено со парламентарните од 2016, кога одѕивот беше 71,8%, на овие избори гласаа 54,3% од запишаните гласачи или на избирачките места излегоа 8358 велешани помалку од пред четири години.

Анализирајќи ги добиените гласови на двете најголеми партии во Велес, споредени со ланските претседателски и парламентарните избори од 2016 година, се забележува дека ВМРО ДПМНЕ континуирано ја губи разликата пред СДСМ. Пред четири години таа изнесуваше околу 3.100 гласа, лани околу 2.800, а на овие избори разликата падна на „скромни“ 1.100 гласови во корист на опозицијата.

Резултати од парламентарните избори 2016 во Велес

Ако се компарираат 2016-тата, со 2020-тата, се забележува дека двете партии загубиле значаен број гласови, но загубата е поизразена кај ВМРО ДПМНЕ, која од 16.534, падна на 10.380, или загубата е повеќе од 6.000 гласови. Во истиот период СДСМ изгубил нешто над 4.000 гласови. Овој губиток на басен од вкупно 10.000 гласови кај двете партии се должи на оние над 8.000 велешани кои на овие избори апстинираа од гласање и повеќе од 2.000 гласови кои сега отидоа на контото на Левица.

Но, ако во контекст на ова се стават и резултатите од ланските претседателски избори, се доаѓа до констатација дека Левица откинала повеќе ВМРО-овски гласови отколку СДСМ-овски. На изборите за шеф на државата излезноста беше речиси иста како и на последните парламентарни избори. Тогаш, за кандидатката на ВМРО ДПМНЕ Гордана Сиљановска гласале 13.285 велешани, а за кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски 10.454.

Резултати од претседателските избори 2019 во Велес

Локалните ограноци на двете најголеми партии се уште ги сумираат и анализираат резултатите. Игор Здравковски од ВМРО ДПМНЕ, кој на овие избори доби пратенички мандат, вели изборите биле чудни, бидејќи се воделе во околности на здравствена криза. Резултатот на неговата партија во Велес, тој го оцени како добар, иако вели дека ако изборите биле во првично зацртаниот термин во април, разликата во корист на опозицијата ќе била многу поголема.

„Изборите во Велес со оглед на тоа што се одвиваа во вакви околности беа во најмала рака чудни. Овој пат пробавме да водиме друг тип на кампања, модерен, визионерски и без “црн” дел, покажавме достоинство и чесност, како и адаптација кон граѓаните во однос на здравствената криза, пробувајќи да не го загрозиме јавното здравје. За жал, спротивниот табор ги искористи сите прилики кои им се пружија институционално да ја искористат предноста и можностите кои им се отворија поради Ковид кризата, па на легален начин ги искористија сите ресурси почнувајќи од делење пакети преку кризниот штаб, невладините организации, па се до ваучерите и картичките со кои ги таргетираа сиромашните граѓани. Нелегалните активности исто така беа видливи на денот на изборите, за што реагиравме до институциите на системот. Генерално, и покрај се, резултатот во Велес и покрај победата на ВМРО-ДПМНЕ, не ја одразува реалната слика. Сметам дека секогаш може подобро, и доколку изборите се случеа на 12 април, победата ќе беше во најмала рака со околу 4-5000 разлика во наша корист. Доколку земеме во предвид дека оваа битка не беше само против СДС, туку против институции, организации, структури итн, сепак може да сметаме дека имаме добар резултат“, вели Здравковски.

nenad kocic-igor zdravkovski
Ненад Коциќ – СДСМ и Игор Здравковски – ВМРО ДПМНЕ

Во СДСМ се уште анализираат, но и чекаат ДИК да ги објави конечните резултати по поднесените приговори. Ненад Коциќ кој доби пратенички мандат преку листата на коалицијата „Можеме“ рече дека се можни и корекции на резултатите. Коциќ засега се воздржува од изјава бидејќи, според него, додека не се објават конечните резултати, се друго би било шпекулација. Тој најави прес конференција, веднаш откако ДИК ќе излезе со официјални и конечни резултати.

Што се однесува до другите партии кои се појавија на изборите, карактеристичен е скокот на ДУИ, кој освои 997 гласови или три пати повеќе во однос на изборите во 2016 година, кога за оваа партија гласале 331. Веднаш зад четирите партии споменати претходно се наоѓа новата демохристијанска партија Интегра, која во Велес освои 407 гласа. Останатите партии остварија незначителен резултат, кој во вкупниот број гласачи изнесува еден или помалку од еден процент.

И на овие избори се покажа слабоста на постојниот изборен модел со шест изборни единици, кој не ја одразува во целост волјата на народот, бидејќи голем дел од гласовите завршуваат без да ефектуираат парламентарни мандати. Од друга страна, партиите не успеаја во целост да ги анимираат гласачите. Малата излезност, некарактеристична за парламентарни избори, може да се толкува како порака од граѓаните до политичарите, дека понудите им се бледи, а политиките неатрактивни. На потег се партиите, кои треба да направат длабоки анализи и да го пронајдат она, што граѓаните го очекуваат од нив, за да ја вратат нивната доверба.

Можеби ќе ве интересира:

https://batali.net/8745/video-romski-ulichni-svadbari-vo-veles-nitu-nosat-maski-nitu-drzhat-rastojanie/