Полицијата го приведе познатиот македонски пејач Ламбе Алабаковски како осомничен за подметнатиот пожар во бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола. Од СВР Битола за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдуваат дека Алабаковски е осомничен за палење на клубот.
Утрово министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот Фејсбук профил соопшти дека лицето го признало делото.
„Со задоволство можам да обзнанам брза и ефективна разрешница на случајот од пред три дена за пожарот во во Битола, кој е веќе расчистен. Се работеше деноноќно да се изнајде сторителот, се земаа предвид сите докази, а по извршените службени разговори во изминатите денови, вчеравечер, со судска наредба, беше извршен претрес на две локации кои ги користи Л.А.(34) од Битола, при што се пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичното дело, по што лицето е лишено од слобода“, напиша Спасовски.
Министерот вели со ова уште еднаш покажале дека единствената моќ што ја има секоја правна држава е моќта да го сузбие криминалот.
„И во овој сегмент нема ‘пардон’, нема заштитени лица, сите се еднакви пред лицето на законот, а секој којшто се огрешил мора да одговара“, напиша Спасовски.
Влезната врата на бугарскиот клуб во Битола и натписот Ванчо Михајлов беа запалени во саботата утрото в очи работната средба на бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска со колегата од Македонија, Бујар Османи во Скопје. Генчовска при посетата на Битола рече дека верува оти македонските служби брзо ќе го расчистат случајот и ќе го откријат сторителот.
Извор на веста: sdk
Можеби ќе ве интересира: