82-годишен велешанец почина на Инфективната клиника во Скопје, откако пред неколку дена неговиот тест за коронавирус бил позитивен. На скопската клиника е примен на 22 мај, откако претходно бил лечен на инфективното одделение на велешката болница. Тој е десеттата жртва од коронавирусот во Велес. Во исто време, во последните 24 часа, регистриран е еден новозаразен и еден оздравен велешанец.
Институтот за јавно здравје регистрира вкупно 52 нови случаи со коронавурус во целата земја и тоа 26 во Скопје, девет во Тетово, во Штип седум, во Куманово има шест случаи, во Струга два и по еден во Кочани и Велес. Освен починатиот велешанец, регистрирани се уште три смртни случаи – 73-годишен скопјанец, примен на клиниката на 21 мај и 76-годишна пациентка од Скопје, примена на 21 мај и пациентка од Тетово на 55 годишна возраст, примена на 27 мај.
Во изминатите 24 часа биле направени 661 тестирања. На Институтот за јавно здравје денеска се регистрирани 30 оздравени пациенти и 52 новозаболени од Ковид-19. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2.129, бројката на оздравени пациенти е 1.516, на починати е 126, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 487.