Седумдесет и двајца граѓани од Кочани се во самоизолација, откако се вратиле од странство. Во Делчево 33 лица се самоизолирале, а бројот на граѓани на Македонска Каменица кои се во домашен карантин е 14. Сите нив ги контролира полицијата.
Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев потсетува на неопходното одговорно однесување на секој поединец заради спречување на несаканите последици од болеста КОВИД-19.
„Самоизолацијата и редуцираното движење, избегнувањето контакти со други лица е основа на секое индивидуално однесување, од кое произлегува развојот на болеста. Препорачуваме сите совесно да се однесуваат. Институционалната координација преку Штабот за заштита и спасување со почитување на препораките на Министерството за здравство и на Светската здравствена организација продолжува“, рече градоначалникот Илијев.
Илијев апелира до стопанствениците да вршат редовна дезинфекција на просториите за работа, до пензионерите и до младите кои се забележани дека се групираат и не ги почитуваат препораките и мерките за заштита од коронавирусот – да не бидат ризик за себе и за своите најблиски.