Политиката зад вакцината против КОВИД-19

politikata zad vakcinata protiv kovid19
politikata zad vakcinata protiv kovid19

Дури и ако се појави една или повеќе вакцини кои ветуваат дека ќе ги направат луѓето помалку подложни на КОВИД-19, сепак нема да исчезне проблемот за јавното здравство. Креаторите на јавни политики можат да избегнат некои предвидливи проблеми со тоа што веднаш ќе започнат да решаваат клучни прашања за финансирање и дистрибуција.

Zito akcija 640x289px

Пишува: Ричард Н. Хас (Richard N. Haass)

Agria

Цената што светот ја плаќа поради пандемијата предизвикана од КОВИД-19 е огромна: преку половина милион животи изгубени, стотици милиони луѓе без работа и уништено богатство вредно билиони долари. А болеста во никој случај не е завршена; постои можност уште стотици илјади луѓе да го загубат животот поради неа.

Јасно, постои огромен интерес за развој на вакцина, ширум светот има преку сто тимови што работат на тоа. Неколку од нив влеваат надеж, а еден или повеќе може да вроди со плод, можеби и поскоро од времето што вообичаено е потребно за да се пушти вакцина во широка употреба, што обично трае неколку години.

Но, дури и ако се појави една или повеќе вакцини кои ветуваат дека луѓето ќе бидат помалку подложни на КОВИД-19, сепак нема да исчезне проблемот за јавното здравство. Секој медицински експерт ќе потврди дека вакцините не се универзален лек. Тие се само една алатка во медицинскиот арсенал.

Не може да се очекува дека една вакцина би создала целосен или траен имунитет кај сите што ќе ја примат. Милиони луѓе ќе одбијат да се вакцинираат. А тука е и суровиот факт дека на планетата има скоро осум милијарди мажи, жени и деца. За производство на осум милијарди дози (или повеќекратно од тоа ако се потребни повеќе од една доза) на една или повеќе вакцини и нивно дистрибуирање низ целиот свет може да бидат потребни години, а не месеци.

Ова се прашања што треба да се решат со помош на науката, производството и логистиката. Несомнено е дека се тешки. Меѓутоа, политиката зад сето ова во најмала рака ќе биде исто толку тешка.

За почеток, кој ќе плати ја вакцината, каква и да е таа? Компаниите очекуваат поврат на она што го инвестирале за истражување и развој, заедно со трошоците за производство и дистрибуција. Тоа се веќе десетици милијарди долари (а можеби и многу повеќе), а прашањето за профит уште не сме го ни споменале. Исто така, постои и поврзано прашање за тоа како ќе им се надомести на компаниите кои развиваат вакцина доколку биде потребно да ги лиценцираат патентите и практичното знаење за производители на друго место.

Сепак, најтешкото политичко прашање од сите најверојатно ќе се однесува на пристапот. Кој треба да ги прими првите дози вакцината, каква и да е? Кој ќе решава кој треба да застане во редот и по кој редослед? Кои посебни предности ќе ги добие земјата во која се развила вакцината? Во која мерка побогатите земји ќе ги турнат подолу во редот посиромашните? Ќе дозволат ли земјите да се вмеша и геополитиката, со тоа што ќе ја споделат вакцината со пријателите и сојузниците, истовремено принудувајќи го ранливото население во противничките земји да застане поназад во редот?

На национално ниво, секоја влада треба да започне да размислува како ќе ги дистрибуира вакцините што би ги произвела самата или што би ги примила. Еден начин би бил е вакцината прво да ја примат здравствените работници, по што следат полицијата, пожарникарите, војската, наставниците и другите припадници на општествено значајни професии, односно суштински работници. Владите исто така мора да размислат каков приоритет треба да им се даде на лицата со поголем ризик за развивање сериозни компликации од КОВИД-19, како што се постарите лица и оние со ризични болести. Дали вакцината треба да биде бесплатна за некои или за сите?

На меѓународно ниво, прашањата се уште посложени. Треба да поведеме грижа производството да може брзо скалесто да напредува, да се воспостават правила за достапност и да се даде заложба за доволно финансиски средства за да бидат опфатени посиромашните земји. „Гави“ (Gavi), „Алијансата за вакцина“ (Vaccine Alliance), Светската здравствена организација, неколку влади и „Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс“ го формираа проектот „Глобален пристап до вакцина за КОВИД-19“ (COVAX). Неговите креатори предлагаат секоја ефикасна вакцина што ќе се појави да се третира како глобално јавно добро, да се дистрибуира подеднакво низ целиот свет, без оглед каде е измислена и без оглед на можностите за плаќање на една земја. СЗО предложи глобална рамка за распределување, која има за цел да обезбеди приоритет за најранливите популации и здравствените работници.

Меѓутоа ваквите пристапи може да бидат нереални. Причините не се само тоа што за да се спроведе идејата зад COVAX нема соодветно финансирање, во него не учествуваат САД и Кина, а нема ни јасен авторитет. Туку е поради тоа што сите влади сигурно ќе бидат под огромен притисок првично да се грижат за своите граѓани. Кога станува збор за вакцината, речиси е несомнено дека национализмот ќе надвладее над мултилатерализмот.

Неодамнешната историја е само потврда за ваквиот скептицизам. КОВИД-19 се појави во Кина и за кратко време стана светски проблем. Реакциите, сепак, беа главно според одлуките донесени на ниво на државите. Некои земји се справија релативно добро, благодарение на постојните системи на јавно здравје и политичко лидерство; но кај некои други, ситуацијата беше токму спротивната.

Продолжувањето на ваквиот пристап на национално ниво до добивање вакцина несомнено би довело до катастрофа. Само неколку земји ќе можат да произведат одржливи вакцини. Пристапот мора да биде глобален. Причините не се само етички и хуманитарни, туку и економски и стратешки, бидејќи глобалното закрепнување бара подобрување на ниво на колективот.

Во Ирак, кога военото напредување стана побрзо од планирањето за справување со последиците од војната предводена од САД, резултатот беше хаос или „катастрофален успех“. Не можеме да си дозволиме аналоген исход во оваа ситуација, односно лабораториите да успеат да бидат побрзи во напредокот отколку што бил брз процесот на планирање на следните чекори. Владите, компаниите и невладините организации треба брзо да се состанат, без оглед дали ќе биде во рамките на иницијативата COVAX, под покровителство на Обединетите нации или Г20, или на некое друго место. Глобалното владеење може да се види во секакви форми и големини. Она што е најважно сега е да се постигне глобално владеење. Насекаде низ светот, животите на милиони луѓе, економската добросостојба на милијарди луѓе и социјалната стабилност висат на конец.

Авторски права: Project Syndicate, 2020.www.project-syndicate.org

За авторот:

Richard-N-Haass-200x250

Ричард Н. Хаас, претседател на Советот за надворешни односи, претходно бил на позиција Директор за планирање на политики за Стејт департментот на САД (2001-2003) и бил специјален пратеник на претседателот Џорџ В. Буш во Северна Ирска и Координатор за иднината на Авганистан . Тој е автор на „The World: A Brief Introduction“ („Краток вовед на светот“).

Извор: respublica.edu.mk

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: