Најголемиот товар од претстојниот попис ќе го понесат општините, иако во Законот за попис тие многу малку се споменуваат. Ќе се формираат реонски пописни комисији, на чие чело ќе биде секретарот на најголемата општина во реонот, а во неа ќе членуваат и други административни службеници од општините кои ги опфаќа реонот, а кои ќе ги избере градоначалникот. Општините имаат рок до денеска да ги достават списоците до Државниот завод за статистика.
Во Велес веќе извесно е дека претседателка на Пописната комисија ќе биде Елизабета Јовчевска, која е секретар на општината. Градоначалникот Коцевски ќе треба да избере уште тројца административни службеници од општината. Во реонската комисија учествуваат и Општина Градско и Општина Чашка, чии градоначалници ќе дадат по двајца претставници.
„Иако, морам да признаам дека во Законот за попис скоро и да не се третираат општините, излегува дека општините всушност треба најголем дел од задачите поврзани со пописот да ги направат. Ние треба да обезбедиме и кадри и просторни услови и технички услови, дури и физичко обезбедување на компјутерската опрема која ќе биде доставена, треба да обезбедиме простор за обука на попишувачите и простор за секојдневна комуникација на комисијата на пописниот реон со попишувачите“, рече Аце Коцевски, градоначалник на Велес.
Според него, ова е придизвик за општините. Во услови на ковид криза, сега треба да се реорганизираат, за да се овозможи паралелно и непречено одвивање на работата и на општината и на спроведување на пописот. Во меѓувреме, подготовките за одржување на пописот во април се во тек. Од друга страна, опозициската ВМРО ДПМНЕ денеска поднесе иницијатива до ДИК за собирање потписи за укинување на Законот за попис. Опозицијата бара пописот да се одложи, меѓу другото, и поради ковид пандемијата. Синоќа, во 24 Отворено на ТВ24, шефот на државата Стево Пендаровски рече дека нема против пописот да се одложи за мај или јуни.
Можеби ќе ве интересира: