Премиерите на Македонија и на Србија, Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ денеска ќе го промовираат заедничкиот интегриран електронски систем за наплата на патарините со настан на наплатната рампа Прешево – мобилно продажно место, непосредно до граничната линија. Единствениот систем за електронска наплата (ENP) во три земји – Србија, Македонија и Албанија овозможува со еднаш наплатена електронска услуга без запирање да се поминуваат наплатните рампи на автопатиштата.
На настанот ќе бидат присутни и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и Горан Весиќ, министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, како и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми.
Единствениот систем за електронска наплата (ENP) во три земји – Србија, Македонија и Албанија, кој беше договорен на последниот самит „Отворен Балкан“ изминатата година во Охрид, овозможува секој корисник на електронската наплата на патарините да може со само еден ТАГ да плаќа патарина во другите земји, без запирање или купување дополнителен уред или картичка во земјите каде што неговото возило не е регистрирано.
Корисниците на електронскиот уред за наплата ќе можат да го користат постојниот ENP уред со негова реконфигурација и регистрирање на својата платежна картичка на едно од продажните места. ENP уредот ќе биде поврзан со платежната картичка на корисникот, додека самиот корисникот ќе може да избере дали ќе наплатува средства во национална или во странска валута.
Единствениот систем на патарина ќе ја зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе го намали метежот на автопатите, а новиот начин на плаќање на патарина треба да го растовари и протокот на возила на наплатните рампи, а предност за граѓаните е што нема да чекаат во редици во шпицот на сезоната и што побрзо ќе стигнат до посакуваната дестинација.
Можеби ќе ве интересира: