По повод големиот државен празник – 2 Август, Денот на Републиката, премиерот Христијан Мицкоски упати честитка до граѓаните, нагласувајќи дека Илинден е темелот врз кој се изгради современата македонска државност и симбол на живиот идентитет на Македонија.
„Илинден е вистината за Македонија која живее. Тоа не е само историја – тоа е жив идентитет, потсетник на стремежот за слобода, правда и сопствена држава. На овој ден се сеќаваме на храброста и жртвата на оние кои ја започнаа нашата борба за самостојност и достоинство“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека стремежот на илинденците денес е остварен, но не и завршен, и дека Илинден претставува не само ден за чествување, туку и за преземање одговорност – одговорност на граѓаните, но особено на институциите, да го продолжат патот започнат во Крушево и потврден во АСНОМ.
„Како Влада, свесни сме дека довербата на граѓаните е обврска што се оправдува со резултати. Затоа сме посветени да ја направиме Македонија држава на можности – праведна, безбедна и просперитетна, со силни институции што ќе бидат на страната на граѓаните“, порача премиерот.
Мицкоски подвлече дека оваа генерација политичари има должност да покаже дека може подобро – и дека ќе покаже. Тој исто така упати повик за обединување околу идејата за држава која ги надминува поделбите и го продолжува илинденскиот дух со знаење, визија и одговорност.
„Да извлечеме сила од историјата и да ја претвориме во иднина. Да ја продолжиме борбата, но со работа и посветеност кон доброто на татковината“, порача премиерот Мицкоски.
„Нека е вечен Илинден! Нека е жива и вечна Македонија!“ – се вели во честитката.