Неодложно и темелно расчистување на случајот со Јавна Соба, соодветни казни за администраторите, но и инкриминирање на сексуалното вознемирување преку интернет во Кривичниот законик се дел од барањата кои ќе бидат соопштени на протестниот марш што ќе започне денеска напладне пред Министерството за внатрешни работи, а ќе заврши пред Јавното обвинителство.
Протестантите на маршот бараат од Јавното обвинителство темелно да го расчисти случајот „Јавна Соба“, но и соодветно да ги казни администраторите.
„Бараме неодложно и темелно да се расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство. Бараме соодветни казни за администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и се уште праќаат фотографии и пишуваат лични податоци на девојки и жени. Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик. Бараме соодветна грижа за жртвите од надлежните институции“, рече Ирена Цветковиќ.
Групата „Јавна соба“ во која над 6500 членови споделуваа фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки, кон крајот на минатата недела беше избришана на социјалната мрежа Телеграм. Во меѓувреме, продолжува истрагата за креаторите на групата, а веќе се приведени четири лица, од кои две од Битола, едно од Велес и едно од Штип. Надлежните апелираат на внимателност бидејќи на Телеграм има и друга слична група за која исто така се постапува. Случајот „Јавна соба“ повторно се актуелизира откако беше обелоденето дека на социјалната мрежа Телеграм членови на групата споделуваат фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки од земјава. Првата ваква група на социјалните мрежи беше откриена пред една година, кога беа регистрирани околу 7000 корисници кои си разменувале експлицитни фотографии од девојки, од кои некои и малолетни. Полицијата тогаш соопшти дека групата „Јавна соба“ по преземените мерки е згасната.
Можеби ќе ве интересира: