Родителите на учениците од основните училишта во Македонија ги добија сите упатства за тоа што сѐ е потребно за почеток на учебната година на 1 октомври. Добија и прецизни информации за тоа какви конфигурации за компјутерите треба да имаат децата.
Министерството за образование ги информира родителите дека треба да се има интернет приклучок во домот на детето и дека неговиот компјутер (лаптоп) треба да биде минимум седма генерација i3 процесор, на минимум 1,6 GHz или еквивалетен AMD процесор, минимум 4 GB RAM меморија, хард дискот треба да има минимум 128 GB SSD, екранот да има минимум 1024 х 768 резолуција, минимум 128 MB графичка меморија, оперативниот систем да биде Windows 8.1 или Windows 10, уредот да има USB 2.0 видео камера или стандардна лаптоп камера, а исто така треба да има звучници и микрофон.
Или во денари ова значи минимум 15.000 денари за настава без проблем за едно дете.
Иако министерството информира дека наставата може да се следи и преку таблет или мобилен телефон, сепак препораката на учителите е компјутер или лаптоп заради намалената прегледност на сите елементи во платформата поради големината на екранот и неможноста за користење на глувче и тастатура, со што се отежнува пишувањето на подолг текст.
Реакциите на фејсбук групата „Иницијатива на родители за учебната 2020/2021“ се бројни.
Еве дел од нив:
„Навистина ми е жал за сите случувања што длабоко ги засегаат нашите деца. Јас сум самохрана мајка на три деца кои принудно треба да учат од дома. Никој не ме праша како ќе им го овозможам божем бесплатното, ем задолжително образование. Доколку не постапам по оваа директива јас ќе одговарам пред законот“.
„Еве сега ми стигна известување кои параметри треба да содржи уредот за следење на настава на далечина. Имам три смарт телефони, имам таблет и имам лаптоп и три деца, а ниту еден уред не е ни близу до бараните параметри“.
„На првиот ден, првиот пробен час кој требаше да го одржиме на новата платформа за учење од далечина, како некој вид на тест за истата, веднаш се јави проблем. Веќе 30 минути веб страницата е блокирана и никој од нас учениците не е известен што треба да прави. Едноставно седиме и чекаме. Замислете како ли му е сега на дете од прво одделение на кое родителите му дале насоки како да се vклучи, и сега му се појавува error. Што да очекуваме од први октомври ако на еден пробен час се случува ова? Уште колку други проблеми ќе има толку најавуваната и фалената онлајн платформа? Срамота е! Часот е одложен. До кога проблемите ќе се решаваат со бегање од нив?“
Очекуваме одговори и од Министерството за образование.
А стартот на учебната година е закажан за в четврток. Сите очекуваме непречено следење на наставата.
Преземено од mkd.mk
Можеби ќе ве интересира: