Откако го совладаа домаќинот Косово, македонските репрезентативци немаа сили за посилен отпор против Бугарија во второто коло на Балканското првенство за играчи до 20 години во Приштина. Реномираниот противник целосно доминираше во натпреварт и на нашите одбојкари им препушти 19 поени во првиот, само 11 во вториот и 16 во третиот сет.
Овој пораз значи дека тимот на селекторот Ванче Санев значително ги намали шансите за злато, но се уште е во игра за медал на турнирот, особено доколку денеска слави над Албанија, која досега ги загуби двата меча на Балканијадата, но играше со фаворитите Бугарија и Турција. Овие две селекции се водечки со по две победи, Македонија и Црна Гора имаат половичен биланс 1-1, а Албанија и Косово се без триумф.
Покрај нашиот дуел, во третото коло денеска Турција ќе се сретне со Косово, а Бугарија со Црна Гора, па со очекувани резултати на овие средби и успех на црвено-жолтите против Албанија, ние ќе напредуваме на позиција којашто обезбедува медал. Во таков случај, утрешната пресметка со Црна Гора ќе биде решавачка за тоа дали македонските одбојкари ќе се најдат на пиедесталот на младинскиот шампионат.
Mожеби ќе ве интересира: