Министерот за здравство, Беким Сали упати јавна покана до докторите Никола Пановски, Вело Марковски и Драган Даниловски да се приклучат како членови на Комисија за заразни болести (КЗБ) и со тоа да придонесат во нејзината работа.
„Чест и задоволство ми е јавно да го упатам повикот до овие експерти врз основа на внимателното следење на јавната дебата околу нивното можно вклучување во Комисијата за заразни болести. Гласот на науката е клучен во борбата против Ковид-19“, повика Сали.
Доколку ја одбијат поканата, министерот бара тие да бидат дел од неговиот тим на советници.
„Непобитен факт е дека сегашните околности бараат засилено и координирано дејствување, врз основа на стручни и реалистични проценки, смета Сали“, најавувајќи дека наскоро ќе ја формира новата Комисија за заразни болести.
За тоа дали би ја прифатил понудата да биде член на Комисијата за заразни болести, Пановски неодамна за „Локално“ изјави дека доколку добие понуда и биде повикан на разговор ќе ги постави своите услови.
Зависи, значи ако чујам од медиуми дека сум член, без да бидам консултиран, веднаш би одбил. Ако бидам викнат на разговор, имам свои услови, па ако истите бидат прифатени би прифатил и јас. Прв услов, укинување на сертификатите“, вели докторот, додавајќи дека не е информиран за работата на Комисијата за последниве 9 месеци.
„Дали таа не работела или работела, а Владата не ја слушала и тоа не знам. Во секој случај, за работа на Комисијата, јавноста до сега се изјаснила, а и бројките, особено летото, заедно со смртните случаи, најдобро зборуваат“, изјави микробиологот.
Д-р Даниловски во објава на Фејсбук пред десетина дена соопшти дека би ја одбил поканата.
„Зошто? Затоа што таа претставува само советодавно тело на Министерот за здравство. Таа нема ингеренции да носи извршни одлуки, туку само заклучоци, кои му ги предлага на Министерот. Тој може, ама не мора, да ги прифати. Крајната одлука е само негова и би требало да биде извршна“, појасни д-р Даниловски.
Можеби ќе ве интересира: