Со повеќе настани денеска во земјава се одбележува Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи.
Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.
Државно-црковната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во Рим и во Ватикан каде што ќе се поклони на гробот на Свети Кирил, во рамки на манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј“, а имаше и аудиенција кај папата Франциск.
Со низа манифестации и настани, 24 Мај се одбележува и во Охрид. Чествувањата ќе бидат заокружени вечерва во црквата „Св. Софија“ со концертот „Уметниците во чест на Свети Кирил и Методиј“ на растечката генерација музичари од класата на м-р Даниел Чуркоски, Елица Рашкова и Викторија Митеска Малезан. Предвидена е и беседа за свети Кирил и Методиј на проф. д-р Красимира Илиевска. Во „Св. Софија“ ќе биде прикажан документарниот филм „Кирилицата-Кодот на Македонија“ од проф. д-р Илија Велев.
Во согласност со Законот за празниците во земјава, 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј е државен празник и неработен ден за сите граѓани.
Можеби ќе ве интересира: