Продажба на непрехранбени производи на Градскиот пазар во Велес ќе биде дозволено од петок, кога ќе се отворат и дополнителни два влеза на пазарот. Оваа одлука ја донесе денеска работната група од претставници на установи и институции во врска со работењето на двата пазара во Велес, на состанокот со градоначалникот Аце Коцевски.
„Со цел почитување на пропишаните мерки за заштита на јавното здравје и запазување на редот и безбедноста на граѓаните, ќе се изготви протоколарен распоред за поставување на тезгите за продажба на непрехрамбени производи – текстил, железарија, ковачи, грнчари и др. Исто така, ќе се зајакне контролата на носење заштитни маски, држење на пропишаната физичка дистанца и доколку е потребно ќе се ангажира и физичко обезбедување од Агенција за обезбедување на имоти и лица. Позорникарите – полицајци, во соработка со комуналните редари од Општина Велес, ќе спроведуваат контрола на терен во врска со неовластената продажба на просторот пред и околу двата пазари во Велес“, велат од општина Велес.
Големиот пазар останува со работно време од 06 до 13 часот секој ден во неделата. Сеуште не се создадени услови за отворање на малиот затворен пазар во Нова населба, констатираше работната група.
Од Општина Велес ги замолуваат граѓаните за совесно и одговорно однесување кога станува збор за придржување кон пропишаните мерки.