Шведска, која се истакнува меѓу европските земји заради својот благ пристап во борбата против пандемијата на коронавирус, забележа најголем број смртни случаи во првата половина на 2020 година за 150 години, соопшти Бирото за статистика на земјата во средата, пренесе Ројтерс.
Коронавирусот во Шведска до крајот на јуни однесе околу 4.500 животи, а бројот сега дополнително се искачи на 5.800, што е стапка на смртност значително поголема отколку во другите нордиски земји, иако пониска отколку во некои други земји, вклучително и Велика Британија и Шпанија.
Вкупно 51.405 Швеѓани починале меѓу јануари и јуни, што е поголем број отколку во која било друга година уште од 1869 година кога починале 55.431, делумно како последица од глад.
Во тоа време во Шведска имало околу 4,1 милион жители, а денес има 10,3 милиони. Ковид-19 ја зголеми смртноста за 10 проценти во однос на просекот во периодот од последните пет години, соопшти Бирото за статистика.
Во април, бројот на починати беше скоро 40% поголем од просекот како резултат на зголемувањето на смртните случаи поврзани со коронавирусот.
Шведска зазеде поинаков пристап во справувањето со пандемијата од повеќето европски земји, потпирајќи се повеќе на доброволни мерки насочени кон социјално дистанцирање и не воведе строги мерки на карантин.
Повеќето училишта останаа отворени, а многу бизниси во одредена мерка продолжија да работат, што значи дека економијата помина подобро отколку во многу други земји.
Сепак, бројот на смртни случаи е поголем отколку кај нордиските соседи, кои се определија за построги мерки на затворање. Норвешка, со околу половина од населението, има вкупно само околу 260 смртни случаи од коронавирус.
Економијата на Финска, исто така, во вториот квартал ги надмина своите поголеми соседи, и покрај посилниот застој. Бруто домашниот производ на Финска се намали за околу 5% во однос на намалувањето од 8,6% во Шведска во однос на претходниот квартал.
Извор: mkd.mk
Можеби ќе ве интересира: