Сиромашната земја што успеа да ја „скроти“ короната: Куба создаде 4 вакцини, но малкумина го знаат тоа

Се чини дека во земјите на ЕУ преовладува премолчен консензус дека во приказната за коронавирусите постојат само западни вакцини. Најчесто се споменуваат американската „Модерна“, американско-германскиот производител „Фајзер-Бајонтек“, британско-шведската компанија „Астра зенека“ и „Џонсон & Џонсон“ од Белгија.

Zito akcija 640x289px

Надвор од тој западен периметар, се чини како да нема вакцина – веројатно руската „Спутник“ V сè уште се споменува, и тоа е тоа. Ретко се пишува за некои други земји како Кина, Индија и Иран, кои исто така развиваат свои вакцини, а уште помалку се споменува една земја која одамна е позната како медицински шампион и која паралелно развива четири вакцини против коронавирусот – Куба.

Agria

Така, на Запад, веста дека Куба и Иран склучиле договор за соработка за вакцината против коронавирусот помина малку „под радарот“. Конкретно, кубанскиот државен институт за вакцинација „Финлеј“ на 8 јануари објави дека потпиша договор со иранскиот Пастеров институт за соработка при тестирање на најнапредните од четирите кубански вакцини – „Соберане 2“.

Кубанската вакцина успешно ја помина втората фаза на клинички испитувања, а третата и последна фаза ќе се спроведе истовремено во Куба и во Иран – покрај 150.000 жители на Хавана, вакцината ќе биде тестирана и на 50.000 волонтери во Исламската Република Иран.

Интересна причина зошто кубанските власти го склучија овој договор со Иран: поради успешното справување со пандемијата, Куба има ниска стапка на инфекција, така што нема доволно заразени граѓани за да ја тестираат вакцината (поточно – тие немаат доволно стапка на инфекција за да се заврши студијата доволно брзо, односно за истражувањето да има статистичка моќ, мора да има доволен број на заразени лица во контролната група). Затоа, го користат иранскиот базен на заразени, најголем на Блискиот Исток.

Сигурно ви звучи малку чудно што сиромашна земја како Куба не само што развива свои вакцини, туку мора да оди и на други континенти во потрага по заразените, бидејќи нема доволно свои заразени граѓани поради квалитетното справување со пандемијата. Можеби звучи чудно, но Куба е феномен на денешниот свет.

куба

Фото: Frеepik

Револуција од 1959 година

За почеток малку статистика. Моментално 11-милионската Куба има околу 23.000 заразени со коронавирусот, а Македонија над 91.000. Иако популациски речиси шест пати побројна, Куба има речиси четири пати помалку заразени од нас.

Постојат и други огромни разлики, како што е разликата во бројот на мртви: Македонија има 2.821 смртен случај, додека Куба има 204.

Евентуалното толкување дека Латинска Америка генерално има помалку заразени и смртни случаи отколку Европа може веднаш да се отфрли бидејќи не одговара на вистината: на веб-страницата „Worldometer“, меѓу топ-20 земји со најмногу заразени дури пет се од Латинска Америка – Бразил (3. место), Колумбија (11. место), Аргентина (12. место), Мексико (13. место) и Перу (18. место).

Драстичните разлики во успехот во борбата против вирусот меѓу Куба и другите земји произлегуваат од нешто друго. Освен фактот дека Куба е остров, што ја олеснува борбата против вирусот, постои и нешто друго – врвната кубанска медицина.

Како Куба, земја од Третиот Свет може да има супериорно здравство? Одговорот на прашањето лежи во комунистичката револуција во 1959 година што ја трансформира Куба во текот на овие шест децении, ставајќи го главниот акцент на социјалниот развој на создавање врвни (и бесплатни) образование и здравство.

14 отсто од БДП за образование

Бројките зборуваат за овој револуционерен подвиг: според податоците на ОН, од почетокот на последната деценија Куба беше прва во светот со 14 отсто од БДП насочени за образование. Просекот во ЕУ е 5 отсто, а ниту скандинавските земји не даваат повеќе од 7-8 отсто од БДП за образование.

И покрај 60-годишната американска економска блокада (најдолгото ембарго во историјата на човештвото) што го уништи животниот стандард на кубанските граѓани, кубанските комунисти најдоа начин на кој студентите можат да учат со најновите електронски помагала и компјутери. Униформите и оброците во училиштата се бесплатни за сите, а учениците од оддалечените региони на државата имаат превоз, сместување и оброци во текот на целиот период на студирање. Повеќе од 400.000 луѓе се вработени во образовниот систем на Куба, а половина од 150.000 кубански наставници имаат магистратура.

Вака создадените претпоставки за развој дадоа плод: дури две третини од Кубанците имаат некаква форма на високо образование, со што кубанското општество е можеби најобразованото на планетата.

Притоа, особено внимание се посветува на развојот на медицински студии, така што кубанскиот здравствен систем е еден од најдобрите во светот. Имајќи предвид дека социо-економскиот развој на една земја се мери со индикатори како што се очекуваниот животен век и смртноста кај новороденчињата, експертите се согласуваат дека Куба е исклучок во Третиот Свет бидејќи според овие показатели стои рамо до рамо со најразвиените индустриски земји.

Исто како што Куба не е само на врвот во Третиот Свет во однос на ниска смртност кај новороденчињата (4,6 на илјада новороденчиња), дури и пред САД, така и кога станува збор за очекуваниот животен век од 79 години, Куба е далеку пред другите латинскоамерикански земји (жителите на Хаити имаат животен век од 63 години) и е на исто ниво со развиените земји на Запад.

Револуционерни лекари

Куба има најразвиено јавно здравство во Латинска Америка, како и убедливо најголем број лекари по глава на жител – пред десет години бројот на квалификувани лекари во Куба надминал 70.000 (цела Африка имала 50.000 во тоа време), а на кубанските медицински универзитети во моментов студираат 25.000.

Иако студирањето медицина во Куба е бесплатно (како и сите други факултети), здравствената заштита и медицинската технологија таму се на високо ниво. Така, во ноември минатата година, по посетата на Хавана, иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф рече дека е импресиониран од биотехнолошките достигнувања на Куба во борбата против Ковид-19. Ова е една од причините зошто Иран потпиша медицинска соработка со Куба.

Освен фактот дека секој Кубанец „од лулка до гроб“ има бесплатно медицинско лекување, Куба воспостави и медицински контингент, „Хенри Ривс“, кој оди во земјите од Третиот Свет и на местата на природни и биолошки катастрофи кога популацијата има потреба од медицинска помош – од борбата против колерата по земјотресот на Хаити до борбата против еболата во Западна Африка.

Звучи чудно, но вистина е: заедно со пурите, румот и шеќерната трска, лекарите се главните кубански производи за извоз.

Во средината на март, во најзагрозениот италијански регион Ломбардија пристигна кубанска лекарска мисија, составена од 52 лекари. Италија беше шестата земја што ја посетија кубански лекари од почетокот на пандемијата, откако другите медицински бригади од Хавана заминаа за Венецуела, Никарагва, Јамајка, Суринам и Гренада.

– Ние не сме суперхерои, ние сме револуционерни лекари. Сите се плашиме, но мора да ја исполниме нашата револуционерна должност – рече тогаш Леонардо Фернандез, 68-годишен кубански специјалист за интензивна нега кој пристигна во Ломбардија.

Возач на „нортон 500“

Во поширока смисла, високото ниво на кубанска здравствена заштита се должи на Комунистичката партија на Куба и нејзините социјални приоритети. Но, голема заслуга за ваквите високи достигнувања на кубанската медицина има аргентинскиот лекар кој ги поминал најдобрите години од својот живот и кариера во Куба.

куба

Фото: Instagram
Не, не станува збор за д-р Ернесто Че Гевара, туку за неговиот најдобар пријател од младоста, лекарот и биохемичар Алберто Гранадо Хименес, човек кој заврши колосална работа како организатор на современата медицинска и биолошка наука во Куба.

Се поставува прашањето зошто двајца аргентински лекари ја избрале комунистичка Куба за да ги реализираат своите социјални идеи таму – едниот на политичко поле, другиот на медицинско поле?

Одговорот лежи во нивното заедничко патување со мотоцикли низ Латинска Америка. Ова извонредно патување на двајца пријатели од повисоката класа почнало на 29 декември 1951 година и траело до јули 1952 година: Че Гевара имал 23, а Гранадо 29 години. Тие патувале низ Гренада со моторот „нортон 500“, наречен Подероса II, кој постојано се расипувал. На пат низ Аргентина, Чиле, Перу (каде што останале некое време за да помогнат во лепрозариумот во Сан Пабло), Колумбија и Венецуела, тие поминале 33.000 километри и доживеале трајна трансформација на личноста: од привилегирани млади мажи кои сакале да се забавуваат, тие станале сериозни луѓе, свесни за пошироката општествена реалност.

Заклетва на Андите

Че Гевара никогаш не го криел фактот дека токму ова патување со Гранадо го насочило кон комунизмот и го одредило неговиот подоцнежен револуционерен живот. Гледајќи ги со свои очи мизеријата и бедата во која живееле латинскоамериканските народи – како лекари, тие биле особено шокирани кога дознале дека сиромашните немаат пристап до основна медицинска нега. Затоа, младиот Че се заколнал на Андите дека ќе го посвети живот на борба против капитализмот.

Особено ги погодила посетата на рудникот за бакар Чуквикамата во северниот дел на Чиле, сопственост на американската компанија „Анаконда Копер“, каде што се сретнале со рударите, кои имале доста ниски плати и белодробни заболувања. Подоцна Гранадо рекол дека и тој и Че биле импресионирани од технолошкото ниво на производство во рудникот, но дека возбудата била засенета кога помислиле дека целото богатство служи само за да се надуе касата на капитализмот.

Средбите влијаеле како „активирачи“ за двајцата патници: Гранадо се уверил дека надвор од повисоката средна класа има поширок свет на кој му е недостапна медицинска помош, истакнувајќи дека тоа е област каде што тој можел да помогне, додека Гевара одлучил да се бори против причините за таквата мизерија.

По победата на Кубанската револуција, Че Гевара го поканил Гранадо во Хавана. Тој првпат ја посетил Куба во 1960 година, а веќе во 1961 година се преселил таму со своето семејство и станал професор по биохемија на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Хавана. Истата година бил еден од основачите на Институтот за основни и претклинички науки, а во 1962 година со група колеги го основал Медицинскиот факултет на Универзитетот во Сантијаго, втор во Куба, по оној во Хавана.

На тој факултет Гранадо предавал до 1974 година и токму од тој период датираат неговите заслуги за голем број високо обучени лекари во Куба, што британскиот весник „Дејли телеграф“ го опишува во некрологот на Гранадо во 2011 година како „едно од непобитните достигнувања на Кастро“. По 1974 година Гранадо се посветил на биохемијата: тој докторирал по биолошки науки и учествувал на светски конгреси по генетика во Москва и Ленинград, а кон крајот на 80-тите бил еден од основачите на Кубанското генетичко друштво и станал негов прв претседател.

Сите овие децениски напори на Алберто Гранадо дадоа значителни резултати: сиромашната земја стана медицинска велесила која е рангирана меѓу најуспешните во светот во справувањето со коронавирусот и е во состојба да го вакцинира своето население со сопствена вакцина.

На некој начин, Гранадо е Че Гевара кој се реализирал преку медицината. Комунистичката утопија на Фидел Кастро и Че се реализира барем во тој сектор за кој беше задолжен Алберто Гранадо.

Преземено од fakulteti.mk

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: