Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски во врска со случајот со црквата во Галате денеска изјави дека е неоправдано и дека го осудува приведувањето на кој било во еден таков случај. Секако дека не треба да се посегнува на таков начин на однесување кога станува збор за верски објекти, вели Спасовски посочувајќи дека институциите треба преку дијалог да најдат соодветно решение.
„На Македонија не ѝ се потребни инциденти, особено не во делот на меѓуетничките односи, апсолутно не смееме да си играме со правото на вероисповед. Сѐ што треба да се решава треба да е помеѓу институциите на системот, дали е тоа МПЦ, ИВЗ, Католичката црква, локалната власт и централната власт. Преку дијалог мора да се дојде до решение“, рече Спасовски.
Дополни дека не сака да зборува како и на кој начин се однесува полицијата и што е она што се прави, но ги напомена, како што рече, случувањата на аеродромот во Скопје, на граничниот премин Блаце, она што се случува во Галате и уште низа на други примери.
„Нема оправдување од типот сегашни или поранешни структури. Не може во македонската полиција да има сегашни или минати структури, таа треба да им служи на граѓаните, додаде Спасовски, кој е поранешен министер за внатрешни работи.
Можеби ќе ве интересира: