Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, соопшти дека Белград бара објаснување од државните органи на Северна Македонија за бегството на Бљерим Рамадани, кој беше уапсен земјата по потерница на Интерпол издадена по барање на Србија.
Дачиќ го опиша бегството на Рамадани од домашен притвор во Северна Македонија како „скандалозно“.
„Станува збор за припадник на терористичката ОВК кој извршил злосторства врз Србите на Косово и Метохија и кого Србија го бара за да го изведе пред суд“, соопшти Дачиќ на 15 февруари, пренесе српското Министерство за внатрешни работи.
Поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Бљерим Рамадани избега од домашен притвор од куќа на роднина во Северна Македонија, откако минатиот месец беше уапсен на косовско-македонската граница по потерница на Интерпол издадена по барање на Србија.
„Надлежниот правосуден орган до МВР ја достави документацијата за распишување централна потерница по лицето Б.Р., бидејќи во моментов е недостапен за органите на прогонот. МВР презема мерки за пронаоѓање на лицето“, потврдија од Министерството за внатрешни работи за МИА.
Рамадани, врз основа на меѓународна потерница од Интерпол Србија, беше уапсен на 17 јули 2024 година на граничниот премин Јајинце и спроведен во затворот Шутка на 30-дневен екстрадиционен притвор.
Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен припадник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродима.
Надлежниот македонски суд на 1 август му ја преиначи казната на Рамадани од „притвор“ во „куќен притвор“ и, според решението, тој беше испратен на адреса во Скопје. Со таа одлука беше предвидено тој да биде во „куќен притвор“ до 16 август.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, при посетата на граничниот премин Табановце на 25 јули, побара од скопските власти да го екстрадираат Рамадани во Србија.
Прашањето за неговата екстрадиција беше покренато и при посетата на косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља на 31 јули. Свечља рече дека Скопје треба да одлучува самостојно и ја обвини Србија дека сака да ги наруши односите меѓу земјите од Западен Балкан.
Според косовските медиуми, Рамадани е третиот државјанин на Косово како поранешен припадник на ОВК, уапсен во Северна Македонија врз основа на српска потерница.
Претходно беа уапсени Гафур Дуголи и Томор Морина, но со судска одлука беа ослободени.
Можеби ќе ве интересира: