На денешниот Светски ден на работниците и медиумските професионалци, повторно се отвора прашањето за условите во кои работат новинарите – професионалци кои, покрај борбата за вистината, секојдневно се борат и за основни работнички права, достоинствени услови и лична безбедност.
Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) објави податоци кои укажуваат на сериозните ризици со кои се соочуваат новинарите во земјава. Според нив, најголемиот дел од новинарите и медиумските работници работат во нестабилни услови, со ниски примања, несигурни вработувања, под постојани притисоци и со високо ниво на автоцензура.
Како дополнителен ризик, ССНМ го посочува и влијанието на вештачката интелигенција.
„Иако на голема врата влијае врз новинарството се уште не се зема сериозно, бидјеќи медиумската сфера се соочува со низа на сериозни проблеми“ велат од ССНМ.
Според податоците на Синдикатот, во медиумите во земјава се ангажирани околу 2.100 лица, распределени на 3.146 работни позиции. Приближно половина од новинарите и дури 70 отсто од медиумските работници земаат плата пониска од просечната месечна плата во државата.
Во онлајн-медиумите, од околу 700 ангажирани лица, само 39,1 отсто се редовно вработени. Слична е состојбата и во локалните медиуми, каде речиси две третини од новинарите и медиумските работници работат хонорарно.
„Една четвртина од граѓаните во Република Северна Македонија, распоредени на повеќе од половина од територијата, живеат во т.н. медиумски пустини“, нагласуваат од ССНМ.
Синдикатот подвлекува дека без професионално новинарство не може да има развој на демократијата и дека само социо-економски обезбедени новинари можат објективно да известуваат и да го штитат јавниот интерес.