На денешниот состанок на Алијанса за Албанците, претседателот Арбен Таравари соопшти дека партијата едногласно одлучила да ја напушти владината коалиција и да премине во опозиција. Таравари истакна дека иако партијата донела промените во албанскиот блок пред една година, ветените реформи не се реализирале. Тој најави дека Алијанса за Албанците ќе побара доверба од граѓаните на локалните избори во октомври.
Според Таравари, постои големо незадоволство кај Албанците заради начинот на кој се владее и третманот на Албанците во институциите, а од особено значење е и европскиот пат на Македонија. Tој потврди дека партијата ќе поднесе оставка од владата и дека ќе се изберат нови членови. Во однос на ДУИ, Таравари нагласи дека нема договор, но постои комуникација. И покрај заминувањето во опозиција, тој најави дека ќе се сретне со премиерот Мицкоски и лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Владата некако се изгуби на патот кон ЕУ. Гледате, состојбата во државната администрација, има извонредна маргинализација и тенденција Албанците да бидат маргинализирани. Алијанса за Албанците утре или задутре ќе решаваат за излегување од Владата. Кога сите трчаат да влезат во Владата, ние сме навикнати да ја напуштаме Владата. Ја напуштаме Владата за да се вратиме посилни, особено во локалната самоуправа, а потоа и во централната власт“, рече Таравари.
На ист ваков состанок централното раководство на АА на Таравари на 15 април беше донесена одлука на претстојните локални избори партијата да понуди сопствени листи со кандидати за советници.
Тогаш Таравари образложи дека оваа одлука нема да придонесе за промени, односно дека остануваат како партија во рамки на коалицијата „Вреди“ и во составот на Владата.
На состанокот не присуствуваше вицепремиерот Арбен Фетаи, кој бил на пат.