Врховниот суд ја уважи жалбата на таткото на убиената Вања Ѓорчевска. Со тоа, укинат му е притворот и определена е мерка куќен притвор и мерка на претпазливост.
„Врховниот суд ја извести јавноста дека по одржаната јавна седница, Советот за казниви дела донесе Решение со кое жалбата на обвинетиот А. Ѓ., изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, a решението на Апелационен суд Скопје КСЖ-320/24 од 02.04.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот А.Ѓ. ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост“, велат од Врховниот суд.
Претходно денес, бранителот на осомничениот Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ, на седницата рече дека решението со кое е продолжена мерката притвор е донесено без доволно образложенија во кои не се наведува ниту еден доказ со кој се докажува зошто овој човек би требало да остане во притвор. Дополни дека осомничениот не може да се даде во бегство затоа што важноста на патната исправа му истекла и дека тој активно учествува во истрагата.
Ѓорѓиевски истакна дека е обвинуван за некои работи кои и ден денес не ги разбира.
„Бев прикажувани екстремно спротивно од тоа што сум како родител и татко. Сакам и јас да знам што точно се случува затоа што и јас водев истрага, знам парченца од тие делови. Би сакал да го дочекам моментот кога ќе го дознам идентитетот на тие луѓе, сите се подеднакво криви“, рече тој.
Четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва на 3 декември. За делата „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ првообвинет е Љубомир Палевски Палчо, за кого се чека екстрадиција од Турција. Таткото е осомничен дека помагал во грабнувањето.
Можеби ќе ве интересира: