Му понудив на премиерот Христијан Мицкоски ние да ѝ помогнеме на Северна Македонија на патот кон ЕУ и да посредуваме во решавањето на проблемот со Бугарија, останува да видиме дали Софија ќе прифати, рече унгарскиот премиер Виктор Орбан на заедничката прес-конференција во Охрид по меѓувладината конференција. Орбан нагласи дека голема неправда ѝ прави ЕУ на Македонија и дека е погазена гордоста на народот.
На новинарско прашање како Унгарија може на Македонија да ѝ помогне за членство во ЕУ, премиерот Орбан рече дека нуди неговата држава да биде посредник во спорот на земјава со Бугарија.
„Следната станица е спогодба и јас имам предлог. Сакам да посредуваме во ова прашање. Дали Бугарија е подготвена да прифати да бидеме посредници, тоа е работа на таа земја. Ние на Мицкоски му понудивме да бидеме посредници. Тешко е да се разбере зошто Албанија е издвоена. Тешко е тоа да го разбере една нација. Сакам да нагласам дека национална гордост е најважно за една нација, а одлуката на ЕУ претставува токму повреда на националната гордост во Северна Македонија. Тоа создава рани, голема грешка е што вие не сте членка на ЕУ и грешка е што друга земја, Албанија, се форсира. Вие до крајот на годинава мора да ги отворите преговорите со ЕУ“, рече Орбан.
Претходно, изложувајќи пред новинарите за содржината на разговорите со Мицкоски, Орбан нагласи дека зачленувањето на Македонија во ЕУ е важно и за Унгарија.
„Најважна тема е зачленувањето на Македонија во ЕУ и Унгарија како претседавач со ЕУ сака да помогне. Нашиот став е јасен, зачувувањето на Западен Балкан е важно за неговата стабилност, но и за стабилноста на Унгарија па и на самата ЕУ. Унијата во меѓувреме ја загуби динамиката и затоа мора да обезбедиме проширување. Не го одминуваме фактот дека Унгарија и Молдавија добија вонредно забрзување кон ЕУ, но мора да ги почитувавме земјите кои долго години работат на зачленувањето. Нивниот застој во процесот, како во случајов со Северна Македонија, не е фер. Подготвени сме да разговараме за овие прашања и да работиме на тој план“, рече Орбан.
Тој нагласи дека Македонија е многу важна за безбедноста на Унгарија и од аспект на Коридорот 10, оценувајќи ја позицијата на државата како стратегиска и додаде дека тоа го зборува мислејќи и на мигрантската криза која минува низ оваа траса. Подготвени сме на тој план да помогнеме, добар пример е досегашната соработка со полиција од Унгарија во озбезбедувањето на вашите граници, додаде Орбан.
„Важно ни е Македонија да има стабилна влада и да ѝ помогнеме за зачленување во ЕУ. Ние имавме и добри и негативни искуства во тој наш процес. Располагаме со финансиски средства, но ‘Македонија е на Македонците’, нели, и тие ке кажат каква помош е потребна“, изјави унгарскиот премиер.
Тој потоа уште една нагласи дека Македонија трпи неправди во ЕУ.
„Некои држави, како Северна Македонија, требаше одамна да бидат членки на ЕУ. Патот на Северна Македонија започна одамна заедно со Хрватска, и затоа велам дека ЕУ прави голема грешка кон Северна Македонија. Не гледам причина зошто да биде одвоена од Албанија. Предизвик ќе биде за владата на Мицкоски да се справи со овој проблем“, рече Орбан.
Премиерот Мицксоки, во врска со овие прашања, рече дека ѝ е благодарен на владата на Орбан и додаде дека реформите ќе продолжат и покрај одликата од Брисел.
„Не смееме да се разочаруваме и да губиме надеж. Жалам што тоа се случува и ние пак да бидеме жртва на билатерализација, а не на постигнувања. Мораме да работима на домашен план, имаме напластени проблеми. Се надевам еден ден да бидеме во тоа семејство. Жалам што има само две страни кои се радуваат на ваквата одлука, бугарските политичари и домашната опозиција“, рече Мицкоски.
Претходно Орбан рече дека со Мицкоски денешната средба е 18-та по ред и декане е тајна дека партијата на Мицкоски и ФИДЕС се братски, но додаде, ние никогаш не ги мешаме партиските работи и државните работи.
„Секогаш е добро братски партии да бидат на власт и заеднички да ги разменуваат своите делувања“, изјави Орбан и додаде дека го поканил Мицкоски во Унгарија, каде ќе се одржи следната меѓувладина седница.
„По нашите гледања и двата народи имаат долги историски традиции и за двата народи цело ова време е карактеристично по борбата за зачувување на националните интереси и слободата, а најважно од се е да ги зачуваме нашите идеали и националната гордост“, нагласи Орбан.
Мицкоски истакна дека македонскиот и унгарскиот народ ги врзува длабоко вкоренето пријателство и длабока почит.
„Унгарија секогаш не поддржувала, како во тешките времиња, така и во напорите за нашата европска интеграција. Денеска преку конкретни иницијативи и договори тоа пријателство продолжува да се зацврстува создавајќи солидни основи за идната наша соработка. Историјата сведочи за нашиот заеднички стремеж за мир, просперитет и соработка“, изјави Мицкоски и додаде дека политичките и економските врски меѓу двете земји се продлабочуваат и дека денешната средба го потврдува стртаегиското сојузништво.
„Унгарија е не само наш партнер на европската сцена. Туку и пример како една држава може да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција. Унгарија одсекогаш била силен поддржувач на проширувањето на ЕУ и на нашите аспирации за полноправно членство“, изјави Мицкоски и изрази уверување дека „со поддршката на Унгарија и другите наши сојузници Балканот ќе го заземе своето заслужено место во ЕУ“.
На новинарско прашање, дали заемот за Македонија е од кинески пари, Орбан одговори негативно.
„Кинески заем не може да даваме, кинески пари не можеме да даваме, а европски пари можеме. Кинеските вложувања во Унгарија се пари за проекти во Унгарија“, рече Орбан.
Можеби ќе ве интересира: