Две текстилни работнички од иста конфекција во Штип се позитивни на корона вирусот. Конфекцијата има 100-ина вработени. Епидемиолозите од вчера го утврдуваат нивниот поширок круг контакти. Сите од висок и среден ризик ќе бидат ставени во изолација.
Се работи на епидемиолошката анкета, а за две позитиви лица е даден налог за домашно лекување. Од Анкетата ќе зависи кои чекори ќе бидат преземени понатаму, велат од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Опасност за ширење на вирусот може да биде тоа дека ист превоз до работа користеле работнички од три различни конфекции. Од штипскиот Центар за јавно здравје велат дека во последниве 24 часа се земени 11 брисеви, седум се поврзани со текстилната фабрика. Бараат да се продолжи со редовна дезинфекција на работничките хали и автобусите.
„Задолжителна дезинфекција, дистанцата на лицата кои се превезуваат со овие средства од и до своето работно место да биде од 1,5 до 2 метри, работниците задолжително да носат лична заштитна опрема – маски, а по можност и ракавици, а на работното место освен заштитната опрема и дезинфекција на работните површини и рацете да се избегне групирањето на повеќе лица за време на паузите за одмор“ се вели во соопштението од Центар за јавно здравје Штип.
Од „Гласен текстилец“ велат дека своите предлози да се спречи состојбата да излезе од контрола веќе ги доставиле до Општинскиот кризен штаб.
“Знаеме дека тие фирми го немаат искористено ланскиот годишен одмор, па затоа апелираме да се даде тој одмор кој треба да се искористи до крајот на Јуни. Потоа да се направат тестирања на сите текстилни работници, за да продолжиме да живееме како што сме живееле претходно. Изјави Кристина Ампева од Гласен текстилец.
Во последнве неколку денови во Штип позитивни на вирусот се и матичен лекар и медицинска сестра. Во самоизолација се две медицински сестри од ординацијата и семејството на лекарот. од Санитарниот инспекторатот велат дека нема опасност по пациентите, бидејќи сите медицински лица носеле соодветна заштина опрема и ординацијата продолжува со работа.