Вечерва од 19 часот продолжуваат протестите против францускиот предлог во Скопје, а организаторот ги повика граѓаните да ги развиорат македонските знамиња на терасите.
„Продолжуваме помасовно и побројно против отворената бугаризација и асимилација. Да се обединиме под македонското знаеме. Повикуваме секое семејство на својот балкон или прозорец да го развиори македонското знаме“,
повикаа организаторите на протестот „Ултиматум – НЕ благодарам“.
Протестниот марш ќе тргне во 19 часот пред Владата, ќе се движи кон Министерството за правда, па ќе заврши пред Собранието на Македонија.
„Масовно, мирно и достоинствено да протестираме, народот да е последната брана против нечесната игра која ќе направи насилна бугаризација на народот и на Македонија. Да кажеме ‘Не’ на ултиматумот“,
повика организаторот.
На протест повика и ВМРО-ДПМНЕ. Тие бараат Владата да се вразуми и да го слушне гласот на народот кој од неа бара да го одбие францускиот предлог.
„Како што расте отпорот на народот за асимилаторскиот Предлог, така расте нервозата кај власта. Се обидуваат на секој можен начин да го спречат народот масовно, достоинствено и гласно да каже НЕ, преку инфилтирање провокатори, преку сценирање етнички тензии или преку директни закани и пријави. Но, народот не им се плаши. Колку повеќе го притискаат, толку народот помотивирано и погласно излегува на масовните протести.
Народот, интелектуалците и експертите гледаат дека овој предлог е лош. Со него на Македонија и се даваат две опции или бесконечно да преговара или да се асимилира. Протоколот кој власта го крие, а кој странски медиуми го објавуваат, содржи конкретни обврски за Македонија со кои се обврзуваме да менуваме учебници, да менуваме историски факти за ликови и настани, да менуваме Устав и слични диктати кои се крајно понижувачки.Граѓаните гледаат дека власта ќе се обиде ваквото понижување и Ултиматум да го покријат со театар во Собранието кој апсолутно ништо нема да значи.
Владата е таа која треба да се вразуми и да го послуша народот кој има јасен став НЕ за ултиматуми и диктати. Колку Ковачевски и владата се поглуви на народните барања, толку помасовни ќе бидат и протестите. ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува масовните, мирни и достоинствена сенародни протести и затоа ги повикува граѓаните и денес во 19 часот да се приклучат на протестот пред Владата и уште посилно да кажеме УЛТИМАТУМ, НЕ БЛАГОДАРАМ! велат од партијата.
Можеби ќе ве интересира: