(ВИДЕО) Битиќи: Политиките на Мицкоски се неуспешни, тоа го потврдува и Светската банка

Светска банка во својот најнов извештај за Македонија изнесе аларамантни и поразителни податоци за економската состојба на земјава, дека извештајот не е технички документ туку слика на секојдневието од втората половина на тековната година – раст на цените, уништување на животниот стандард, откажување од планот за раст на платите, кажа денеска на прес-конференција пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи.

Zito akcija 640x289px

Според Битиќи, нашата економија е во слободен пад и наместо очекуваниот економски раст од 2,5 проценти, годинава, според Светска Банка, ќе ја завршиме со само 1,8 отсто раст на БДП што е јасен сигнал дека економските политики на ВМРО-ДПМНЕ се целосно неуспешни.

Agria

„Во извештајот јасно се забележува дека главната причина за овој пад е „топло-ладниот” однос према реализирањето на клучните инфраструктурни проекти – Коридорите 8 и 10Д, кои требаше да донесат економски бенефит, но ВМРО-ДПМНЕ ги држи на хартија. Наместо да се движиме напред, владата дозволи овие проекти да останат закочени, а тоа има катастрофални последици за БДП. Дополнително, додека слушаме за големи ветувања за инвестиции во енергетскиот сектор, според Светска банка овде се таложат проблеми кои се реален ризик да го забрзаат падот на економијата“, вели Битиќи.

Тој посочи дека во ваква ситуација, светлото на крајот на тунелот, според Светска банка, може да биде само Планот за раст на Европската унија, кој заедно со веќе воспоставените мерки за раст на платите и поддршката на компаниите (домашни и странски) би донел позитивен импулс во македонската економија.

„Ова е патот кој треба да го следиме – патот кон Европа, кон стабилност и модернизација. Но, наместо тоа, Владата продолжува да се задолжува неконтролирано со кредити кои ќе ја донесат државата во компромитирана ситуација не само на економски туку и на геополитички план“, рече Битиќи.

На крајот од годинава, како што рече, фискалниот дефицит ќе достигне 4,9 проценти, а јавниот долг ќе скокне на загрижувачки 63,5 проценти од БДП.

„Со ново најавените 500 милиони евра дополнително задолжување од Унгарија, може да очекуваме јавниот долг да се приближи на 70% од БДП. Патека која води во економски пропаст. Се создава долг што економијата нема капацитет да го поддржи преку создавање на нова вредност. Каматната стапка од 3,25%, кој е толку фалена од власта, е повисока од очекуваниот раст на БДП за 1,45 процентни поени“.

Според него, Владата не може да ја контролира ситуацијата, а луѓето едвај врзуваат крај со крај. Владините мерки за ограничување на маржите на мал дел од прехранбените производи, вели Битиќи, се апсолутен неуспех.

„Економијата може и мора да се опорави, но за тоа е потребна влада која знае како да управува со ресурсите на државата, која е транспарентна и која ќе ги штити интересите на сите граѓани, а не интересите на привилегирани малкумина“, изјави Битиќи на прес-конференцијата.

 

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: