Армијата се вклучува во спроведување на мерките за спречување на ширење на коронавирусот, откри министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Армијата ќе дава поддршка на државните органи, пред сè на полицијата да се спроведе полицискиот час, да се обезбедат објекти, границата и затворите.
„Одлуката за ангажирање на полицијата во овие моменти не беше лесна, но е оправдана. Армијата ќе има три задачи. Прво ќе преземе целосна контрола на границата за да се спречи нелегален влез. Гранична полиција ќе има на границите, но целата линија ќе биде под контрола на Армијата, за да може полицијата да повлече дел од луѓето и да се сконцентрира на задачите внатре во земјата. Ќе бидат формирани мобилни екипи меѓу армијата и полицијата, кои ќе вршат проверка за влезови и излези, како и контрола за почитување на полициски час и на самоизолација. Ако не се почитува самоизолацијата лицето веднаш ќе биде пренесено во државен карантин“, рече Шекеринска.
Армијата од денеска ќе почне со обезбедување на државните објекти како Собранието, Владата и затворите. Шекеринска рече дека полската болница на Армијата, ќе биде целосно ставена во функција на јавното здравје и ќе биде поставена кај Инфективната клиника во Скопје.