Велешкиот футсал клуб Кеги Моби му оддаде почест на својот прерано починат тренер Ристе Гиовски. На натпреварот кој се одигра денеска во салата „Гемиџии“, а во кој Кеги Моби се сретна со КМФ Клими, играчите на велешкиот клуб излегоа со маици со ликот на Гиовски, а пред натпреварот, на семејството Гиовски му доделија плакета за пожртвуваноста на Ристе кон клубот, кој го водеше волонтерски.
Ристе Гиовски почина на 25 август годинава, на 54-годишна возраст, откако ја загуби битката со ковид-19. Претходно, Ристе неколку години се бореше со ракот, а за таа цел беа организирани и хуманитарни настани, за собирање пари за негово лекување. Ристе Гиовски беше омилен меѓу своите сограѓани, а јавноста го познава по активностите на неколку полиња. По професија беше дресер на кучиња, вработен во АРМ, а беше сопственик на стационарот за кучиња Гиовски тим.
Содржината продолжува под рекламата
Гиовски беше дресер на шарпланинката Стела, која се појави во истоимениот долгометражен игран филм за деца. Спортската јавност го памети и како голем вљубеник во фудбалската игра, посебно во футсалот, а долги години беше тренер на КМФ Кеги Моби.
Содржината продолжува под рекламата
Инаку, КМФ Кеги Моби денеска го победи КМФ Клими со 2:1, во натпреварот од третото коло од Првата футсал лига, кој му го посвети на својот долгогодишен тренер, Ристе Гиовски.
Можеби ќе ве интересира: