Секторот за компјутерски криминал алармира за зачестена појава, каде што непознати лица преку социјалните мрежи или преку своите приватни имејл-адреси таргетираат македонски корисници и испраќаат линкови до веб-страници и сервиси преку која се ветува лесна заработка со тргување лажни берзи за криптовалути, извести Гоце Андреевски, портпаролот на МВР.
Кампањата почнува со објави на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, кои се прикажани како информации од познати македонски портали.
„Во објавите се наведува дека се „избришани интервјуа затоа што централната банка не сака да ја знаете оваа тајна“ и спомнуваат познати личности од нашата држава, дури и објавуваат фотографии од нив со цел поголема легитимност на објавата, каде што е наведено дека може да стекнете значителни парични средства со тргување криптовалути, а сè што треба да направите е да се посети дадениот УРЛ-линк.
УРЛ-линкот, односно врската, води до веб-локација, која претставува платформа за тргување со криптовалути, но нема официјални детали за регистрација на компанија, нема информации за јурисдикцијата или нешто што покажува како да се поврзете со правното лице на кое ќе му ги доверите парите“, рече портпаролот на МВР.
„Регистрацијата е тривијална, не е потребна лозинка. Влегувате веднаш и од вас се бара да префрлите пари, односно да купите криптовалути. Тие се законски покриени бидејќи на нивната страница имаат оградување дека го прифаќате ризикот од губење средства при тргување.
Не постои начин да се знае дали ова е вистинска платформа за тргување, но сите показатели укажуваат на многу сомнителна операција.
Моментно оваа кампања е доста распространета на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Инстаграм“ во Европа и се приспособува за земја, односно се користат имиња на познати личности за поголема легитимност.
Постојат стотици лажни веб-страници, лажни објави, кои тврдат дека се платформи за тргување со криптовалути.
Почетната објава има форма на имитирање на порталот „Кајгана“ (официјалана веб-страница https://kajgana.com/), на линк што води до страница на страницата minishouts.com.
Објавата тврди дека е „избришано“ интервју во кое се тврди дека ја знае тајната за заработка со криптотргување. Страницата има куп наводни сведоштва, односно коментари на објавите од ботови што објавуваат дека заработиле многу пари користејќи ја платофмата и има дури и фотограафија од банка што покажува дека сето ова е точно и сите заработуваат многу пари, но фотографијата на изводот од банката е лоша изработка и го носи логото на Централната банка (Централната банка не издава изводи од банка на физички лица).
Оваа страница има куп фотографии од познати личности во Република Северна Македонија, кои наводно заработуваат многу пари од тргување. Исто така, ве поканува да се регистрирате.
Страницата овозможува регистрација со случајни податоци, нема никаква верификација, ниту лозинка, додека легитимните платформи за тргување сè уште бараат да извршат процес „запознајте го вашиот клиент“ (KYC), што е наложено од финансиските системи за да идентификуваат потенцијално перење пари.
Секторот за компјутерски криминал апелира граѓаните и правните субјекти да не отвораат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи, да не наседнуваат на измами од ваков тип и правните субјекти да превземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи од потенцијален малициозен софтвер во согласност со нивните интерни процедури за сајбер-безбедност“, соопшти портпаролот на МВР.
Можеби ќе ве интересира: