Пратеникот на ВМРО ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи Антонијо Милошоски вели дека владата не изградила ниту еден капитален објект како во Велес така и во државата, па затоа се зголемувал бројот на невработени. Милошоски денеска беше гостин на велешкиот пратеник од најголемата опозициска партија Игор Здравковски, со кого ги посети велешките компании Јоопоне и Маркард. Според Милошоски, зголемениот број невработени говори за сериозен економски притисок врз граѓаните.
„Со тоа на стопанството му се прават проблеми и трошењето на парите преку ваучери излезе дека е предизборен маркетинг, кој не донесе никакви резултати“, рече Милошоски.
Одговарајќи на новинарско прашање како е направен изборот на двете велешки фирми што денеска ги посети, Милошоски рече дека првата е домашна и втората странска инвестиција кои се соочувале со проблеми за кои немале разбирање од страна на економскиот тим на владата.
„Сметам дека начинот на кој владата ги запоставува овие инвеститори е на штета на граѓаните и на стопанството. Ваквите стопански субјекти би требало да бидат помогнати со грантови за репроматеријали, со помош за пласман на производите и со тоа ќе расте и стопанството и бројот на вработени“, додаде Милошоски.
Според пратеникот посетата е дел од партиската одлика и замисла во следниот период да се зголеми инвестицискиот потенцијал за да зајакне економијата во државата.
Можеби ќе ве интересира: